Фридрих Вилхелм Ниче (1844-1900) е еден од најзначајните и највлијателните современи мислители. Големиот филозоф на 20-тиот век е класика без чии удел и придонес не може да се замислат современата филозофија, наука, книжевност и култура. Неговото влијание не се должи само на оригиналноста, туку и на неговото истакнување како еден од најбрилијантните умови и прозаисти на германскиот јазик и култура.
Филозофијата и делото на Ниче тежнеат кон уривање на религиозните и филозофските аспекти, метафизичките и теолошките основи на традиционалниот морал. Во ерата на пасивен нихилизам, како што ја нарекува ерата во која живее, смета дека културата е во спротивност со реалниот живот. Со својата изјава „Бог е мртов“ ги поставува темелите на идејата за натчовекот којшто е природна последица од смртта на Бог. По тој настан, човекот се издигнува над себе зашто сите витални процеси што се наоѓаат во Бог сега се во него.
Домот на Ниче бил упориште на побожност, па по извонредно стекнатото академско знаење, своето школување го продолжил на Универзитетот во Бон на студии по теологија и класична филологија, но ги напуштил поради несогласувањата со ставовите на неговите професори. За време на студирањето на Универзитетот во Лајпциг започнал волонтерска воена служба каде се здобил со повреди и болести кои трајно му го уништиле здравјето. По враќањето од службата ги продолжил студиите и неверојатно брзо напредувал. Се запознал со филозофијата на Шопенхауер и се сретнал со Ричард Вагнер – два клучни мига во неговото творештво. На универзитетот во Базел, на 24-годишна возраст, уште пред да ја заврши својата докторска теза, бил примен како професор, а неговиот ментор го искажал своето воодушевување за талентите на Ниче.
Од професорската фотелја се повлекол во 1879 година поради влошеното здравје, по што живеел во пансиони во Швајцарија, Франција и Италија, каде ги развивал своите филозофски концепти, а комуницирал со многу мал ограничен број на луѓе. Последната година од неговиот живот е период на врвна продуктивност.
Овој генијален и ексцентричен човек паднал во доживотна психоза. Доживеал ментален колапс со сериозни психички нарушувања, претрпел два мозочни удари по што делумна парализа, и еден фатален мозочен удар.
Во контроверзниот и комплексен опус на Ниче разликуваме три периоди. На книжевната сцена приоѓа со „Раѓањето на трагедијата“, со што го бележи првиот период кога ја истражува антиката и уметноста, во вториот - науката и вистината, по што следува антихристијански период. Се истакнува со „Човечко, премногу човечко“, „Случајот Вагнер“, „Волја за моќ“ и неговото најзначајно дело „Така зборуваше Заратустра“. „Ecco homo“ ги објаснува настанувањето на книгите со идеја да не биде заборавен или заменет. Таа е напишана пред неговата целосна парализа и е последниот грч на неговиот свесен живот.
„Така зборуваше Заратустра“ е пишувана и објавена помеѓу 1883 и 1885 година, пишувана во експериментален стил во новосоздадени дитирамби, од авторот нарекувани како дитирамб на осаменоста и чистотата. Самиот Ниче оваа книга ја нарекува најголемиот подарок што му е даден на човекот. Тука тој ги полемизира своите ставови, земјаќки го како централен Заратустра – духовен водич од кого произлегле столбовите на јудео-христијанскиот морален систем. Задачата на Ниче е човекот, опишан како безобличен камен кому му е потребен скулптор, да се афирмира преку ослободување од сè што поминало. Уривајќи ги сите аскетски идеи и проѓајќи му на христијанството на дионизиски начин, ја напаѓа пасивноста на моралот.
Подлабокото разбирање на човекот од страна на Ниче, повеќе од било кој, е основа на психологијата на Фројд и на Јунг, основа на егзистенцијализмот и многу други движења. Достигнувањата на Ками, Ман, Хесе, Рилке, Јејтс и голем дел од книжевноста во целост се должи на неговата филозофија.
Без „Така зборуваше Заратустра“ и учењето на Ниче, многу филозофи, психолози, теолози и книжевници не ќе можеа да влезат во 20-тиот век.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам