Издавачки центар ТРИ е основан на 23 ноември 1999 година. За многу кус период ТРИ се наметна како мошне сериозен и инвентивен издавач на македонската културна сцена, пред сè, благодарение на својата ориентираност кон најактуелните книги во светот. Денес ТРИ ја продолжува својата мисија – секогаш да биде во чекор со важните случувања на светската книжевна и културна сцена. За свој приоритет си ја поставивме целта да ја направиме книжевноста достапна до сите – за да ги прошириме хоризонтите, да се доближиме до светот, духовно да се збогатиме.
Во текот на своето постоење ТРИ бележи чудесна духовна вертикала и раст кои започнаа со визијата на една отворена, храбра душа со диплома по психологија – Винка Саздова. Како magna mater, со својата желба да направи нешто повеќе за себе и за светот во кој живее, таа почнува да го одмотува клопчето сон и да го претвора во реалност. Со богато искуство во новинарството и во издаваштвото, таа чувствува дека е дојдено времето да се изгради свое царство на букви. Цели дваесет години се исткаени со угорнини и удолнини. Трпеливо се гради мислата и се ткаат ракописи. Големите имиња како Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Митко Маџунков, Луан Старова, Јагода Михајловска-Георгиева, Венко Андоновски... беа само поттик да се засили довербата во оваа тогаш нова издавачка куќа. Потоа следуваа мемоарите на Киро Глигоров, „Македонија е сè што имаме“, со што ТРИ се вивна во сферата на издавачите со голем кредибилитет.
ТРИ не е само симбол на тројството, ами и семејна лоза со три силни столба, тројцата синови кои ја продолжуваат приказната мошне успешно. На четири фреквентни локации низ Скопје, книжарниците на ТРИ се белег на градската читателска култура и мост меѓу креативноста и пулсот на градот. Освен книжарниците, ТРИ во 2003 година ја отвори и првата интернет-книжарница – Kniga.mk која денес е една од водечките страници за продажба на книги, со над 20.000 члена во Клубот на читатели. Денес можеме да кажеме дека суштината на оваа приказна, главната нишка која е проткаена низ секој збор отпечатен во изданијата на ТРИ, е љубовта. Чистата и едноставна љубов, како читкото и препознатливо лого на ТРИ, како реченица од црни букви отпечатена на бела хартија. Љубовта кон пишаната, прочитана, изнесена реч која го прави животот артикулиран, подобар, целосен!
Издавачки центар ТРИ ДООЕЛ Скопје
ул. Орце Николов 93/1
1000, Скопје
Даночен број: 4030999383158
Матичен број: 5345847
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам