Олдус Хаксли (1894-1963) е еден од најпознатите англиски писатели, прочуен по дистопискиот роман „Прекрасен нов свет“ што денес е едно од најчитаните научнофантастични дистописки дела. Препознатлив е како водач на современата мисла и извонреден интелектуалец, еден од најголемите европски есеисти на 20 век. Деветпати бил номиниран за Нобеловата награда за литература, а неговиот богат опус содржи околу 50 книги – романи, критики, есеи, патописи, сценарија и збирки поезија.
Роден е во Годалминг, Велика Британија. Татко му бил научник, а мајка му педагог. И неговите предци биле познати во интелектуалниот свет. Хаксли бил правнук на Метју Арнолд, еден од најпознатите поети и образовни реформатори во Велика Британија во 19 век.
По мирното и среќно детство отишол да студира медицина на престижниот приватен колеџ Итон. Но наскоро починала мајка му, со која бил многу приврзан. Истата година починала и сестра му. Набргу потоа се здобил со сериозна очна инфекција, поради која речиси ослепел. Со толку оштетен вид морал да се откаже од студиите и од сонот да стане лекар. По релативно успешната операција на очите, ја совладал Брајовата азбука и се запишал на Универзитетот во Оксфорд, на отсекот за англиска литература. За време на студирањето семејството го погодува уште една трагедија – самоубиството на брат му, Тревенен Хаксли. И покрај тоа, во 1916 година ги завршува студиите со натпросечен успех и истата година го објавува своето прво дело – збирка песни.
Од 1919 година работел како новинар, театарски, ликовен и музички критичар, а по 1921 се издржувал само од своето пишување. Почнал да шета низ светот, а најдолго, 7 години, се задржал во Италија поради пријателството со писателот Д. Х. Лоренс.
Хаксли има големо влијание врз развојот на уметноста и инспирирал многу движења, како хипи-движењето и њу ејџ. Музичката група „Дорс“ го презела своето име според книгата на Хаксли „Вратите на перцепцијата“ („The Doors of Perception“), што Хаксли го позајмил од Вилијам Блејк. Во насловите често се повикувал на фрази што реферирале на други книжевни дела. „Прекрасен нов свет“ е преземено од Шекспир, од драмата „Бура“; „Сено од таванот“ од Кристофер Марлоу; „Слепи во Газа“ од Милтон; „Превртени маси“ од Вордсворт. Уште еден интересен факт е дека цел семестар на „Итон“ му предавал француски јазик на Џорџ Орвел, кој подоцна станува познат дистописки автор.
Хаксли доброволно експериментирал со психоделичните дроги под надзор на д-р Озмонд. Сметал дека тие ја прошируваат свеста и му ја потхрануваат имагинацијата, му овозможуваат подобро да се разбере себеси и да има покреативни идеи.
Во 1937 година се преселил во Калифорнија, со надеж дека топлата клима ќе влијае добро врз неговото кревко здравје. Тогаш исклучително се посветил на филозофијата, религијата и духовноста. Во овие подоцнежни години се занимавал со спиритуални теми, како парапсихологија, филозофски мистицизам и духовните концепти на Далечниот Исток.
Починал на 22.11.1963 година, во Лос Анџелес, од рак на гркланот.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам