Френсис Скот Фицџералд (1896-1940) е еден од најголемите автори во американската и светската литература на 20-тиот век, припадник на т.н. „изгубена генерација“ чии дела ја одбележале ерата на џезот.
Роден е во католичко семејство од средна класа во Сент Пол, Минесота. Татко му бил неуспешен трговец со мебел, алкохолчар кој постојано запаѓал во долгови, но неговата мајка успевала да ги одржи благодарение на нејзиното семејно наследство. Уште како момче, соучениците и наставниците го сметале Фицџералд за исклучително интелигентно дете особено заинтересирано за литературата. На тринаесетгодишна возраст, додека учел во Њу Џерси, во училишниот весник за првпат објавил свој расказ.
Во 1913 година се запишал на Универзитетот во Принстон, каде што се спријателил со литературниот критичар Едмунд Вилсон. Во студентските денови бил вљубен во Џиневра Кинг, девојка од високите општествени кругови во Чикаго, мошне значајна во неговиот личен и творечки живот. Таа му била инспирација за многу женски ликови, меѓу кои и за Дејзи од „Големиот Гетсби“. Но поради разликата во нивните класи, врската им била неуспешна. Следната љубовна врска исто така го обележува неговиот живот. Непосредно по враќањето од Првата светска војна, како пешадиски поручник, во 1918 година се запознава со Зелда Сејр, која станува и негова свршеница. Иако тогаш работел во рекламна агенција, Зелда не била сигурна дека ќе може да ја издржува, па ја раскинала свршувачката. Очаен, Фицџералд се вратил во родителскиот дом за да го преработи романот „Романтичен егоист“. Со новиот наслов „Оваа страна на рајот“, во 1920 г. романот му бил прифатен за издавање и веднаш доживеал огромен успех. Истата година Зелда му се вратила и тие се венчале.
Во 1924 година семејството се преселило во Европа, каде што ја напишал „Големиот Гетсби“. Во Франција се зближил со Гертруда Стајн, Џејмс Џојс, Езра Паунд и особено со Хемингвеј, како и со други автори кои подоцна ќе се вбројат во „изгубената генерација“.
Во 1934 г., по неуспехот на романот „Нежна е ноќта“, Фицџералд доживеал нервен слом. По закрепнувањето се преселиле во Холивуд, каде што работел како сценарист. Со разнишано здравје поради долгогодишните проблеми со алкохолот, починал во 1940 година, по два срцеви удара. Ракописот на неговиот последен роман го завршил неговиот пријател Едмунд Вилсон, кој го објавил во 1941 година под насловот „Последнот тајкун“. Други познати дела на Фицџералд кои и денес побудуваат несмален интерес се филмуваната новела „Чудниот случај на Бенџамин Батон“, „Привлечност“, „Повторно во Вавилон“, „Убави и проклети“, „Нежна е ноќта“ итн.
„Големиот Гетсби“ и во 21-от век е бестселер што се продава во милионски тиражи низ светот и е вклучен во задолжителната лектира во многу средни школи и универзитети.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам