Заштедувате 500 ден.
СЕРИЈА РАБОТИЛНИЦИ ЗА КРЕАТИВНО ПИШУВАЊЕ СО ВЕНКО АНДОНОВСКИ
Нова ТРИбина наменета за идните писатели! Оваа есен започнуваме со три нови предавања за креативно пишување под менторство на еден од највлијателните македонски писатели, професорот по книжевност Венко Андоновски.
Искористи ја можноста да се запознаеш со вештините на пишувачкиот занает низ крими-приказните, трилерот и мелодрамата. Ѕирни зад структурите на приказните, преврти ги жанровите, создај книжевни ликови и вешто жонглирај со перспективите.
На предавањата ќе се запознаеш со бројни книжевни ликови: од актанти до интриганти, лик-жртва и трагичен лик. Ќе научиш како да создадеш книжевен лик со кој читателите сочувствуваат и како да ја раскажеш ситуацијата од различни гледни точки. И во најконцизните, двострани комуникации, една ситуација може да се доживее на различни начини. Заплетот не е ист за крадецот, за жртвата или за полицаецот.
Серијата предавања започнува на 4 ноември, во Јавна соба.
Детално за програмата:
04.11.
Прво предавање: ПРИКАЗНАТА И КРЕАТИВНОСТА
Предавања:
- Структура на приказната
- Омилени приказни на XXI век: крими-приказна, трилер, мелодрама (љубовни триаголници и повеќеаголници).
Вежби:
- Добиваме започната, а незавршена крими-приказна што треба да ја завршиме
- Добиваме започната љубовна приказна во мелодрамски клуч и треба да ја завршиме
- Дискутираме за завршетоците и избираме најдобри приказни.
15.11. (онлајн)
Второ предавање: ЛИКОВИТЕ И КРЕАТИВНОСТА
Предавања:
- Што е лик, а што актант
- Плочести и топчести ликови
- Типологија на ликови: лик-жртва, лик-интригант, трагичен лик
- Како ликот од хартиено суштество да стане суштество „од крв и месо“
- Солзите и смеата кај читателот – врска со ликовите.
Вежби:
- По избор, создаваме ликови за однапред скицирани приказни (според жанрот).
16.11. (онлајн)
Трето предавање: ГЛЕДНАТА ТОЧКА И КРЕАТИВНОСТА
Предавања:
- Гледна точка и фокализација: разлики
- Наративен глас соодветен на гледната точка
- Зошто еден ист настан изгледа различно од гледна точка на жртвата и од гледна точка на насилникот? Како наративниот глас на детето гледа на „сериозни настани“, а како гледа „возрасен раскажувач“
- Полифокално и полифонично набљудување на еден ист настан (игра со гледни точки).
Вежби:
- Раскажуваме една иста приказна од различни гледни точки: гледна точка на жртва, гледна точка на насилник, гледна точка на судија, гледна точка на осуденик, гледна точка на изневерен човек, гледна точка на неверна жена, гледна точка на дете, гледна точка на возрасен, гледна точка на патолошки лажго... Избирање соодветен наративен глас за секоја гледна точка.
Венко Андоновски (1964) еден од нашите најпознати писатели. Предавал, меѓу другото, и Теорија на прозата на Филолошкиот факултет и на Американ колеџ во Скопје, како и Корпоративно комуницирање и маркетинг на Меѓународниот универзитет UDG во Црна Гора.
„Без сомнение, Андоновски може да се нарече гениј, жив класик и книжевен џин, а романот [Папокот на светот] може да се споредува со делата на Умберто Еко и Милан Кундера“.
Проф. д-р Венко Андоновски е романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Автор е на вкупно 35 книги на македонски јазик од најразлични жанрови. Редовен професор е на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил и декан на Факултетот, а добитник е и на наградата „Свети Климент Охридски“ за образование. Како писател, Андоновски е автор на 2 книги поезија, 3 книги раскази, 4 романи, 18 изведени театарски пиеси и 1 сценарио за игран филм. Повеќекратен добитник е на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Југра“ (руска меѓународна награда за најдобар роман од словенските книжевности преведен на руски, за „Папокот на светот“), како и на наградата „Петар Кочиќ“ за српското издание на романот Вештица. Во 2018 година беше номиниран, со 33 светски писатели (меѓу кои и Нобеловци) за Толстоевата награда („Јасна полјана“). Тој е првиот Македонец што доби меѓународна книжевна награда по осамостојувањето на Македонија („Балканика“). Еден од најчитаните македонски автори во Македонија во последниве две децении. „Папокот на светот“ е до сега печатен во 15.000 примероци, а „Вештица“ во 11.000. Еден од најизведуваните драмски писатели во последниве дваесет години во Македонија. Кандид во земјата на чудата беше на репертоарот на „Драмски“ цели седум години, со над сто изведби. За француското издание на неговиот роман „Вештица“, Милан Кундера, откако ќе го спореди Андоновски со Херман Брох и Карлос Фуентес, ќе напише: „Вештица е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Ве молам прочитајте го. Со љубовта која ја заслужува“. Делата му се преведени на десетина јазици, меѓу кои и на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски… Автор е на осум книги од областа на теоријата на книжевноста и културологијата. Приредил и две антологии на македонската поезија (македонско-српска и македонско-англиска). Автор е и на една двојазична (македонско-англиска) ексклузивна монографија за културата на Македонија, Зеницата на Македонија. Автор е на два учебника по литература за средното образование.
Член е на ДПМ и Македонскиот ПЕН центар и дописен член на МАНУ.
За своето книжевно творештво, Андоновски е добитник на наградите:
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам