Д-р Габор Мате е унгарско-канадски доктор и автор, почитуван психотерапевт, експерт за детски развој и признат специјалист во лекувањето на зависности со над 40-годишно истражувачко и клиничко искуство. Автор е на повеќе меѓународни бестселери што се објавени на 25 јазици.
Роден е на 6 јануари 1944 година, во Будимпешта. Имал тешко детство. Баба му и дедо му биле убиени во Аушвиц кога тој имал само пет месеци. Тетка му исчезнала за време на војната, а татко му вршел принудна работа за Националсоцијалистичката германска работничка партија. Во 1956 година семејството емигрирало во Канада. Студирал за време на Виетнамската војна во доцните шеесетти години и се здобил со диплома на Универзитетот во Ванкувер. Откако извесно време предавал како професор по англиски јазик и литература во едно средно училиште, се вратил на Универзитетот за да магистрира.
Во основата на сите негови бестселери лежи долгогодишното практично искуство што го има во областа на медицината и психичкиот развој. Убеден е дека постои цврста врска меѓу психичкото и физичкото здравје и импресионира со својот уникатен, продлабочен и прониклив поглед кон проблемите на стресот, зависното однесување, синдромот на дефицит на внимание и кон други современи предизвици.
Мате водел семејна ординација во Источен Ванкувер над 20 години. Голем број од неговите пациенти, освен проблеми со умственото здравје и психички нарушувања, имале проблем и со употреба на недозволени супстанции.
Д-р Мате е коавтор на иновативниот тераписки пристап за лекување на трауми (Compassionate Inquiry) и на истоимената меѓународна програма за професионална обука со илјадници учесници од над 80 држави. За својата исклучителна работа е награден со Орденот на Канада – највисокото граѓанско одликување во земјата. Документарниот филм за животот и делото на д-р Мате, наречен „Мудроста на траумата“, е гледан од над 6 милиони луѓе во 230 земји.
Автор е на неколку многу продавани книги: Расеани умови: потекло и лечење на нарушеното внимание (Scattered Minds: The Origins and Healing of Attention Deficit Disorder); Кога телото вели не: цената на скриениот стрес; Во земјата на гладните духови: затвореник во светот на зависност (In the Realm of Hungry Ghosts: Close Encounters with Addiction). Заедно со Гордон Нојфелд коавтор е на Држете се до своите деца: зошто родителите мора да бидат поважни од врсниците (Hold On to Your Kids: Why Parents Need to Matter More Than Peers). Поранешен колумнист кој пишува медицински статии за Глоуб енд мејл, доктор Мате ги преплетува научните истражувања, историите на случаи и сопствените сознанија и искуства, нудејќи ни јасна слика која нѐ бодри и поттикнува да си помогнеме, како самите себеси така и на другите во лекувањето.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам