НОВА ЕДИЦИЈА „НАШИТЕ ПРИКАЗНИ“: ЧИТАМЕ ВО ЕДЕН ГЛАС
Високо, издигнато, поврзано... се дел од значењата на зборот editus, од каде што зборот едиција го влече својот корен. Токму такво е и чувството кога го најавуваме почеток на нашата нова едиција – „Нашите приказни“ (читаме во еден глас).
Поддржана од Европската Унија и во дослух со европските автори кои донесоа свеж бран во литературата, ги подготвуваме книгите што ќе ни ги збогатат умовите и срцата благодарение на нивниот стил, на јазикот и темите што ги опфаќаат, а ги засегаат сите луѓе од светот.
Холандски, шведски, полски, романски, француски, бугарски, германски, италијански, шпански и ирски – се јазиците од кои се преведуваа овие волшебни книги. Иако опфаќаат различни теми, од сеќавања за Втората светска војна до живот во дистописка иднина, од убавините на природата на кои треба да им се навраќаме до нејзиното неразумно уништување, преку љубовта и нејзината моќ, сè до мајчинството, односите во семејството и проблемите со кои се соочуваат луѓето со попреченост – сите ги обединува една иста точка: егзистенцијата и одговорите што за неа ни ги нуди книжевноста.
Убавината на ваквите едиции е што побудуваат нешто во нас. Повикуваат на акција, на средби со читателите, на длабоко размислување, на утешен престој во убавината. Ве запознаваме со сите наслови поединечно. Уживајте во нивните кратки содржини сè додека не се сретнеме лице в лице со нив.
„Големите пространства“ од Катрин Мерис
Превод од француски јазик на Офелија Ковилоска
Природата, и растењето во неа, се вечен извор на инспирација. Токму како во оваа прекрасна графичка новела. Освен што нè навраќа кон тоа што значи да се живее далеку од градот, таа нè поучува и на многу мали а значајни секојдневни работи, на спокојот што многумина го забораваат. Убава за око и мошне поучна и поттикнувачка книга од француската авторка Катрин Мерис, која самата е илустраторка што ги обединува световите на книжевното и визуелното. Графичките новели се сè поприсутни на полиците во книжарниците и во библиотеките и освојуваат сè повеќе читатели. Со оваа книга ќе се уверите зошто е така.
„Брчки“ од Пако Рока
Превод од шпански на Наташа Сарџоска
Уште една графичка новела во низата новитети! Уште една нова приказна низ слики која ќе ве воодушеви и ќе ве замисли. Приказна за жителите на еден старечки дом во кој секој се соочува со своето минато, секој се плаши од крајот, а истовремено ужива во секој миг. Досега не сме наишле на ваква новела која истовремено и нè засмејува и нè натажува со помислата за патувањето кон крајот. Но дотогаш, нека Carpe diem биде вашето ново животно мото!
„Млечни заби“ од Хеленe Буковски
Превод од германски јазик на Слободанка Поповска
Дистопијата, како што многу автори ја означија, сè уште важи за жанр што преку фикција и фантазија зборува за проблемите на денешницата и сите нешта што нè плашат. Преку животот на ликовите што ја преживеале катастрофата и сега се обземени од страв и од иднината и од другите, авторката нè вовлекува во една многу необична приказна каква што не сте читале одамна. Приказна што се случува по низа неодгатнати настани што му се закануваат на светот со нов крај.
„Невидливите бесови на срцето“ од Џон Бојн
Превод од ирски јазик на Горица Попова
Се сеќавате ли на извонредната „Момчето во пижами на риги“? Книгата што го освои светот и што се чита дури и низ училиштата. Oвој пат ќе го читаме нејзиниот автор со емотивна приказна во која ќе трагаме по невидливите бесови што ни живеат во срцето. Станува збор за уште една историска фикција што ќе ни ја преслика Ирска од 1940 година низ очите на еден сосем обичен човек препуштен на милост и немилост на (не)времето.
„Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак
Превод од романски јазик на Ермис Лафазановски
Можеби најпотресната приказна од оваа едиција, која веруваме дека ќе ви стане една од омилените. Приказна за една мајка на која не ѝ останува уште многу време и затоа решава своето последно лето да го помине во изнајмена куќа во едно село во Франција, заедно со својот бунтовен и отуѓен син. Не плашете се од болеста, таа е најспоредната нишка во оваа книга. Дури и самата авторка го кажува тоа. Токму во навидум тажните мигови, во овој роман ќе најдете љубов и надеж.
„Солзотворец“ од Ерин Дум
Превод од италијански јазик на Радица Никодиновска
Една од најпопуларните книги во својот жанр во последните две години, „Солзотворец“ е фантастично дело за младоста. Потрагата по семејството, по сонот да се гледа само најдоброто од светот, некогаш е невозможна. Дали младата протагонистка во оваа книга ќе го пронајде она што го бара? Интелигентен, остроумен, по страници долг, а во суштина длабок роман што ќе ви ја разгори фантазијата како никогаш досега.
„На работ на ништотноста“ од Корине Даувис
Превод од холандски на Ели Пујоска
Додека се остваруваат најавите и стравовите за смртоносната комета што се упатува директно кон Земјата, Дениз го чека крајот – на нејзиното семејство, на нејзиниот малечок свет, на светот воопшто. Но за неа има место на големиот вселенски брод што може да ја спаси... Уште еден дистописки роман што навидум звучи библиски, а во суштина, е многу човечки. Аутистичната Дениз е лик каков што ретко среќаваме во книжевноста, што ја прави уште повпечатлива и поблиска до секого од нас. Оваа необична приказна за крајот што му се заканува на светот носи нов почеток во вашиот светоглед.
„Ѕвезди под клепките“ од Николај Терзијски
Превод од бугарски јазик на Виолета Танчева-Златева
Три испреплетени приказни кои во себе содржат по уште една нова перспектива. Оваа книга е вистински изблик од срцето на кое, како на палимпсест, се испишани повеќе приказни едноводруго. Нишките се протегаат низ времето, а ликовите незапирливо посегнуваат по својата среќа, онаа што се наоѓа зад клепките, доцна во ноќта кога сме сами со себе, со спомените и треперливата светлина на ѕвездите. Авторот има извонреден усет за деталите и за психолошката состојба на ликовите и мајсторски брилира со пресвртите. Вистинска радост за вљубениците на убавите романи.
„Остров во морето“ од Аника Тор
Превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ
Колективните трауми се длабоко вкоренети во човечката свест. Затоа е неопходно навраќање кон минатото и преиспитување на последиците што ги оставиле трагичните настани, неизбришливите траги што ги остава војната. Наскоро ќе се запознаеме со приказната за двете сестри кои, бегајќи од прогонството на Евреите, наоѓаат прибежиште во Шведска. Нивните соништа, скршени како стакло, се распрснуваат во зборови што длабоко допираат. Една од најемотивните приказни за оваа година.
„Без мајка“ од Мира Марќинув
Превод од полски јазик на Лидија Танушевска
Мајчинските приказни важат за едни од најхрабрите во книжевноста. Но дали оваа храбра проза во себе ја крие само мистеријата за мајчинството? Таа е брутална приказна за желбата да се живее и да ѝ се избега на смртта, приказна за голема љубов каква што може да постои само помеѓу мајка и ќерка. Силен, треперлив и сурово искрен, полн со нежност и копнеж, и со свест дека празнината никогаш докрај не може да се пополни.
Да живеат книгите! Тоа е нашата последна порака за вас по овие реченици посветени на новите наслови што со нетрпение ги очекуваме.