×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Мартин Цамај


Мартин Цамај е најзначајниот автор постмодернист на албанската книжевност, поет, научник и познат лингвист кој целиот живот го поминал во емиграција. Ја предводел Катедрата по албанологија во Минхен.

Роден е на 21 јули 1925 година, во Темал, во околината на Скадар, каде што учел во италијанското језуитско училиште, Collegium Xaverianum. По неговото завршување работел како учител во планинските села. Учествувал во партизанскиот отпор и по извесно време бил принуден да живее во илегалност, додека не успеал да побегне во соседна Југославија.

Од 1949 до 1955 година студирал славистика, романистика и албанологија во Белград. Со помош на поранешните учители Италијанци, во 1956 година се преселил во Рим, каде што следната година станал главен уредник на албанолошкото списание „Плејади“ (Shêjzat). Во 1960 година магистрирал на Универзитетот „Сапиенца“, а следната година се преселил во Минхен. Таму работел како лектор на Универзитетот „Лудвиг Маскимилијан“, каде што и докторирал, во 1964 година. Од 1971 до 1990 година работел како професор по албанологија на истиот универзитет.

Цамај пишувал поезија, проза и научни трудови за албанскиот јазик и дијалектологија. Првите две книги од областа на поезијата ги издал уште за време на престојот во Белград; тоа се „Флејта во планините“ (Nji fyell ndër male) и „Песната на низинските патишта“ (Kanga e Vërrinit), објавени во Приштина, во 1953 и 1954 година. Неговото литературно дело опфаќа девет книги поезија, три романи и една книга новели. Поезијата му е препеана на италијански, англиски и германски јазик.

Творештвото на Цамај зборува за загубата и потрагата по традицијата, како и за осаменоста предизвикана од промените на новото време. Неговото прво големо прозно дело e „Џела“, објавено во Рим, во 1958 година. Во 1978 година, во Минхен, му е објавен романот „Кругови“ (Rrathë), како негово најголемо дело на кое работел цели петнаесет години и кое се смета за прв психолошки роман напишан на албански јазик. Романот е поделен на три циклуси: вода, оган и крв, кои ги симболизираат повторливите метафизички и социјални теми. Во 1981 година ја објавува збирката со наслов „Шкундулима“, која вклучува пет раскази и една драма. Неговиот последен роман „Карпа“, објавен во 1987 година, во Рим, е дистописко дело чие дејство е сместено во 2238 година.

За актуелноста на делото на Цамај зборува фактот дека во 2012 година целиот негов опус е преобјавен од издавачката куќа „Онуфри“ од Тирана. За него познатиот Исмаил Кадаре вели: „Во скромното здание на албанската книжевност, таму каде што го зазема своето место Мартин Цамај, како и во секој пантеон, се влегува само низ една порта, онаа големата.“

Оваа книга е одлична можност македонските читатели да се запознаат со делото на Цамај, зашто досега немаме преведено ништо од него, со исклучок на неговата застапеност како поет во две антологии, во 2001 и во 2006 година. Како и другите негови дела, и расказите од оваа збирка зборуваат најмногу за загубата, за традицијата и за човековата осаменост во светот. Опишувајќи ги битот и душата на предците, Цамај ги спасува од заборав, за да преживеат во неговите книжевни дела.

Починал во Минхен, на 12 март 1992 година.