„СО ИНВЕСТИРАЊЕ ДО ФИНАНСИСКА СЛОБОДА“
Прочитајте го интервјуто со PP Investment Group и дознајте што ќе се случува на претстојната ТРИбина – „Финансиска слобода во 10 чекори“ преку „Психологија на парите“ од Морган Хаусел.
Разговараме со менторите Владимир Поповски и Дамјан Пановски за нивното меѓународно искуство во инвестирањето, како и за македонските митови за инвестирање, и најавуваме што сè ќе може да се научи на нивната работилница на ТРИбина.
Живееме во свет во кој сè повеќе луѓе се охрабруваат да му пристапат на инвестирањето. Како меѓународното искуство ви помогна вам да го разберете светот на финансиите и што треба да се знае пред да се преземе таков чекор?
Пред сè, меѓународното искуство ни има овозможено практично да го примениме она за што технички и теоретски се имаме подготвувано. Имаме стекнато искуство во различни сектори, со разни типови на инвестиции, од кои голем дел не биле достапни кај нас во тој период, па тоа ни има овозможено проширување на нашиот спектар на можности. Инвестирањето е нешто што најдобро се учи преку пракса, а кога имате прилика да учите од најдобрите, тоа е вистинска привилегија. Тоа е област е во која секојдневно се учи и најголема сатисфакција ни е кога секој ден легнуваме малку помудри од претходниот. Забалежуваме дека сè повеќе млади луѓе покажуваат интерес продуктивно да го вложуваат својот капитал, и тоа многу нè радува. За среќа, живееме во период во кој голем дел од младата популација успешно заработува и сака да започне да инвестира дел од приходите. Потребна е детална анализа и студиозен пристап пред да се преземе каков било чекор. Нема брзање, ништо што е вредно не се гради прекуноќ. Едно нешто е да се создадете богатство, а сосема друго е да го задржите и да го оплодувате. Пристапот и финансиските одлуки што ги носите можат да ви го дефинираат животот.
Кои лекции на Морган Хаусел од книгата „Психологија на парите“ ви го задржаа вниманието?
„Психологија на парите“ е феноменална книга која додава вредност без разлика во која фаза од инвестирањето се наоѓаме. Одлично е напишана и обработува теми за кои, иако сме свесни, секогаш е добро да се повторат. Мислиме дека најважната лекција што треба да ја издвоиме е дека постојаното правење мали нешта може да прерасне во големи успеси. Сè што треба е добра стратегија и долг временски хоризонт. Сложената каматна стапка, или compound interest, е многу моќен фактор што може да претвори вложувања на мали редовни суми во големо богатство после 20-30 години. Според нас, финансиската слобода е една од најбитните теми, веројатно и една од причините поради кои сме започнале со инвестирање. Има една мисла од Хаусел во книгата: можноста да правите што сакате, со кого сакате, за колку време и да сакате, е бесценета слобода, тоа е највисоката дивиденда што парите ја плаќаат. Финансиската слобода не е бројка или трошење на луксузни нешта, слободата е времето, а тоа најзначајниот ресурс што го имаме.
На што ќе биде фокусирана претстојната ТРИбина?
Трибината ќе биде фокусирана на главните теми дискутирани во книгата „Психологија на парите“, сублимирани во лекции од кои учесниците ќе можат да научат за многу битни параметри при инвестирањето. На што треба секој инвеститор да внимава, проследено со многу лични искуства и примери. Исто така, на крај ќе зборуваме со повеќе детали за тоа како ние лично инвестираме и зошто, како и за фактот дека нема едно идеално решение и еден начин, туку постојат различни методи и стратегии во зависност од состојбата и од влијанието на лични фактори кај секоја личност одделно.
Постојат ли предрасуди во кои веруваат луѓето од нашата земја и дали на ТРИбина ќе разбиеме одредени митови за инвестирањето?
Секаде постојат различни предрасуди. Како што е обработено и во книгата, најголемиот дел од нив се создадени баш од лични искуства, а не од реални пазарни ситуации. Ние сме сепак многу млад пазар кој не е толку зрел, особено во финансиски поглед. До неодамна не ни можевме како македонски граѓани да имаме лична изложеност во финансиски пазари во странство без притоа да одиме преку некој локален фонд кој наплаќа високи провизии и преку кој немаме директно влијание во што се инвестира и на кој начин. За среќа, тоа се промени и сега пазарот во тој поглед е либерален. Според нашето искуство, голем дел од луѓето во земјава сè уште имаат повеќе доверба при инвестирање во опипливи средства, на пример, во недвижности. Голем дел од луѓето кај нас мислат дека за да започнат со инвестирање во хартии од вредност, треба да имаат акумулирано некоја значајна сума на средства. Но тоа не е точно. Во денешно време може да се почне со буквално која било сума, колку и да е мала. Како што рековме, и релативно мали редовни вложувања можат да прераснат во импресивно портфолио, доколку се стекне навика која се спроведува долгорочно.
Што ве инспирираше да се нафатите на ваков животен чекор, а што ве мотивира да ги споделите своите лични сознанија и умешности со другите?
Би рекле дека тоа беше некоја природна еволуција на долгогодишна идеја, родена од чиста пасија. Многу блиски пријатели кои знаеја дека сме во таа индустрија, често нè прашуваа за совети. Така решивме да создадеме платформа од едукативен карактер која има за цел да ја подигне свеста кај луѓето кога е во прашање инвестирањето. Како да се пристапи кон интелигентно инвестирање, зошто е важно секој да инвестира, какви сè можности и инвестициски инструменти постојат, за што служат, како се создадени и така натаму. Тоа е нешто во што уживаме, нешто што најдобро го познаваме и затоа решивме да ја понудиме нашата експертиза за да им помогнеме на сите лица што сакаат да ја започнат својата инвестициска приказна. Тоа го правиме на персонализиран начин што им овозможува на сите да започнат да го прават тоа за себе, а ние сме им достапни за какви било совети, да ги водиме низ процесот и да ги штитиме од потенцијални грешки. Иако сме мошне интернационално ориентирани, ни претставува уште поголемо задоволство што природно почнавме од Македонија и што им помагаме на наши клиенти да започнат со нивното инвестициско патување.