×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




„ПИШУВАЈЌИ ЗА МИНАТОТО РАЗБРАВ ШТО НАВИСТИНА МИ Е ВАЖНО ЗА ИДНИНАТА“

„ПИШУВАЈЌИ ЗА МИНАТОТО РАЗБРАВ ШТО НАВИСТИНА МИ Е ВАЖНО ЗА ИДНИНАТА“

Која емоција најмногу доминираше во тебе додека ја пишуваше книгата?

Веројатно носталгија измешана со благодарност. Но не во тажна смисла, туку топла носталгија кога се сеќаваш на нешто важно и сфаќаш колку вредело. Многу моменти за кои мислев дека сум ги заборавила, ми се вратија живи додека пишував. Повторно ги преживував сите тие периоди – и убавите и тешките, и сфатив колку многу луѓе, предизвици и мали одлуки стојат зад секој „голем момент“.

Што те изненади најмногу кај самата себеси кога ја стави последната точка?

Првото чувство ми беше неверување дека напишав книга. Ме изненади колку е потешко да пишуваш за себе отколку за сè друго. Пишував многу во животот – извештаи, анализи, научни трудови, прирачници… Но сè тоа беше статистика, хипотези, резултати. Никогаш досега не сум пишувала за себе, лично. Да пишуваш за себе, за поминатото, за она што си го чувствувал, тоа има сосема друга тежина.

Колку проценти од книгата се реченици тешки за признавање и пишување?

Тешко е да се мери во проценти. Но, бидејќи сакам бројки и проценки, би рекла можеби 30 %. Има реченици кои ги напишав, ги избришав и ги напишав одново. Не затоа што не биле вистинити, туку затоа што биле премногу вистинити. Можеби токму тие реченици ја направија книгата вистинска. Најлесно е да ја раскажеш верзијата во која секогаш си сигурен и силен. Потешко е да ја раскажеш човечката верзија.

Пишувањето книга за тебе: огледало или патоказ?

Прво беше огледало, а на крај стана и патоказ. Пишувајќи за минатото, многу подобро се разбрав себеси и што навистина ми е важно за иднината.

Опиши ја Нина во три збора…

Брза, организирана и темпераментна.

Опиши ја „Ништо случајно“ во три збора…

Искрена, лична и охрабрувачка.