×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Стефан Марковски


Стефан Марковски (роден во Гевгелија, 01.12.1990) е современ македонски писател.

Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а потоа и на Филозофија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Постдипломец е на Факултетот за Драмски уметности, насока Филмско и ТВ-сценарио.

Автор е на книгите: Еднонасочно (роман, 2009), Апеирон (поезија, 2010), За некои спомени на онаа некогашност“ (поезија, 2010), Хиерархиска еволуција на свеста (психологија и филозофија, 2012), Мета(де)конструкција и општа филозофија (филозофија, 2012), Среќата е глагол (психологија и филозофија, 2013), Продавачот на ветар и магла и други приказни (раскази и драмски текст, 2015), In Nomine (поезија, 2016), Сиво сјаат вселените (поезија, 2016), Смртта долетува насмевната (раскази, 2017), По трагата на белиот грифон (поезија, 2018). Дел од неговото творештво е преведено и објавено на неколку европски јазици.

Автор на есеи, статии и трудови од книжевната теорија и филозофијата, како и на сценарија за краткометражни и еден долгометражен филм.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот центар на ITI и на други асоцијации. Главен и одговорен уредник е на најстарото македонско книжевно списание – Современост, наследник на првото македонско списание за книжевност и култура Нов ден. Уредник е и на поетските збирки вклучени во проектот „Метрички карван“, како и на порталот Зеница.

Работел како професор на замена во средното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, а бил и предавач на работилници за креативно пишување.

Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои: „Петре М. Андреевски“ (2009) за роман, втора награда од МАНУ за расказ (2008), „Бели Мугри“ (2016) за поетска книга, „Крсте Чачански“ (2017) за збирка раскази, „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво (ХКД) за книга на годината вон од изданијата на ХКД (2017), „Македонска книжевна авангарда“ (2015) за збирка раскази, Седмоноемвриска награда на Општина Гевгелија (2014) итн.

Покрај различните прашања од областа на филозофијата, предмет на особен интерес му се можностите и потенцијалите за поврзување на информатичките технологии и креативното творење во насока на создавање вештачка интелигенција со способност да оперира на стандарден македонски јазик.