×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Михаил Ренџов


Михаил Ренџов е еден од најоригиналните и најавтентичните македонски поети, кој со еднаква умешност ги негуваше речиси сите лирско-епски видови – сонети, псалми, елегии, лирски минијатури, поеми, кои ни ги остави во своите дваесетина објавени книги. 

Роден е на 25 август 1936 година, во Штип. Завршил гимназија во родниот град, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, како советник по библиотекарство и како нејзин директор. Беше член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писатели на Македонија.

Првите песни ги објавил уште како гимназијалец, во 1955 г., во весникот Млад борец. Дебитирал со стихозбирката Иселеник на огинот (1965), со која се вклучува во т.н. „неосимболистичка струја“ заедно со Чедо Јакимовски и Атанас Вангелов. Но наскоро ја напушта и спонтано му се препушта на сопственото доживување на светот. И со следните две збирки, Ноќно растење на зборот (1967) и Каде од оваа страна (1968), Ренџов ја продолжува започнатата амбиција да изнајде рамнотежа меѓу сликата и звукот на песната, што ќе ја постигне со книгата На работ од сонот (1972), која В. Андоновски ја означува како „триумф на звукот“. Според В. Мартиновски, Михаил Ренџов е поет-музичар, кој уште од првите стихови, па сè до единствената македонска стихозбирка целосно посветена на еден инструмент (Окарина, 2015), преку секоја песна ја докажува симбиозата меѓу музиката и поезијата. Интермедијалниот аспект на неговата поезија е повод за многубројни музички, театарски и филмски остварувања. Ренџов е автор и на единствената поетска книга целосно посветена на нерешкиот фрескопис на црквата „Св. Пантелејмон“ – Нерези (1982), која ја допира и темата на сакралното во поезијата, што ќе кулминира во неговите Псалми (2000). Последната поетска книга Зраци ја објави во 2023 г., во Метаноја.

Ренџов ги објави и поемите Тој (1993), Апокалипса (2002) и Предвесница (2009), во кои се преплетуваат неколку чувствителни теми: моралниот пад на човекот, есхатологијата што имплицира нова космогонија, потребата од возобновување на темелните етички вредности. Раскази за Захариј (2004) е единствената негова објавена збирка раскази, со која дава оригинален придонес за фолклорната фантастика во македонската книжевност. Автор е и на две книги за деца – Сонување патување (1990) и Ангела сонува (1999). Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонски еп Гилгамеш.

Добитник е на сите значајни македонски награди: „11 Октомври“ за Нерези (1982), двапати „Браќа Миладиновци“ (за Нерези во 1982 и за Јас. Елегии во 2017 г.), „Grand prix international“ за севкупно творештво, Романија (1997), „Григор Прличев“ (за препев на книгата Тиранија на сонот од Каролина Илика, 1983), „Златно перо“ (за препев на Мудрости и горчини од Дритеро Аголи, 1998), „Ацо Шопов“ на ДПМ за Јас, Оксиморон (1999), Македонска номинација за наградата „Балканика“ (2000), „Рациново признание“ за Захариј и други раскази (2004), „Кочо Рацин“ за Галичица (2007), двапати „Григор Прличев“ за најдобра поема (за Тој во 1993 и за Предвесница во 2009 г.), „Книжевен жезол“ на ДПМ за поетски опус (2020) и др. За Иселеник на огнот во 1965 година ја доби Ноемвриската награда на градот Штип.