Игор Штикс е роден во Сараево, во 1977 година. Живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Докторирал на Institut d’Études Politiques de Paris и на Northwestern University, а подоцна работел и предавал во Универзитетот во Единбург, на универзитетите во Грац, Љубљана, Сараево, како и на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград.
Заедно со Џо Шоу ги уредиле збирките „Citizenship after Yugoslavia“ (2013) и „Citizenship Rights“ (2013), а со Среќко Хорват, „Welcome to the Desert of Post-Socialism: Radical Politics after Yugoslavia“ (2015). Со Владимир Арсенијевиќ ја уредува едицијата „Заедничка читална“. Во Југословенското драмско позориште, претставата „Столот на Елијах“, во режија на Борис Лијешевиќ, освоила Гран при на БИТЕФ во 2011 година.
Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016), освои неколку регионални награди за најдобар текст, додека неговата драма „Зрењанин“ е изведена премиерно во Народниот театар во Зрењанин. Пишува проза, книжевна критика и есеи, за кои ги има добиено највисоките признанија.
Неговите дела се преведени на 15 јазици. За своите книжевни и интелектуални достигнувања доделено му е престижното француско одликување „Витез на уметноста и книжевноста“. Во 2017 година Штикс ја потпишал петицијата за заеднички јазик меѓу Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам