Џером Дејвид Селинџер (1.01.1919 – 27.01.2010) е американски автор на современата класика „Чуварот во ’ржта“ (The Catcher in the Rye, 1951). Како и неговиот јунак Холден, живеел повлечено и не сакал да се истакнува. Со таквата самонаметната изолација станал легенда, како и самото негово дело. Како млад 34-годишен човек се повлекол од Њујорк во својата планинска куќичка кај Њу Хемпшир, а во 1965 г. престанал да објавува и сосем се повлекол од јавноста. Со децении бил недостапен за каков било контакт. Последното интервју го дал во 1980 г.
Селинџер имал мешано шкотско, ирско, еврејско и полско потекло. Детството го поминал во раскошен стан на Менхетен во Њујорк. Учел во различни приватни училишта, а краток период бил и во воена академија, каде што бил забележан со својата саркастична остроумност. На 18-19-годишна возраст се вљубил во Уна, ќерката на писателот Јуџин О’Нил, и секој ден ѝ пишувал љубовни писма, додека таа не се омажила за многу повозрасниот Чарли Чаплин.
Учествувал во Втората светска војна; во Париз се сретнал со тогашниот воен дописник Ернест Хемингвеј, кој бил восхитен од неговиот авторски талент. Потоа работел за контраразузнавањето, спроведувал распити на затвореници благодарение на владеењето странски јазици. Бил еден од првите војници кои ги посетиле ослободените концентрациони логори. Подоцна изјавил дека човек никогаш не може да го заборави мирисот на изгорено човечко место.
„Чуварот во ’ржта“ е единствениот објавен роман на Селинџер, за кој му требале речиси 10 години да го напише. Во него ги изразил сексуалните конфликти и егзистенцијалните стравови на младата генерација во повена Америка, како и бунтот против лицемерноста и лагата во светот на главниот јунак Холден Колфилд. Другите негови објавени дела се збирки раскази: „Френи и Зуи“, „За Есма: девет раскази“, „Високо кренете ја покривната греда, мајстори“, „Симор: вовед“.
Во 2000 г. неговата ќерка Маргарет издава книга за својот татко „Спасител на мечтa: мемоари“ (Dream Catcher: A Memoir).
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам