Дипак Чопра е водечки автор во областа на холистичкото здравје и човечкиот потенцијал. Во 1999 година Тајм го вброи меѓу стоте највидни личности во светот. Списанието Гардијан го нарекува „рок-ѕвезда на новата спиритуалност“, за Тајм тој е „поет-пророк на алтернативната медицина“ и „гуру на њу ејџ филозофијата“, а се чини дека неговите книги ги читаат сите, од Опра до Далај-лама. Автор е на околу деведесет книги, од кои голем број бестселери на Њујорк тајмс, како и на многу аудиопрограми кои го покриваат секој аспект на умот, телото и духот. Неговите книги се преведени на повеќе од педесет јазици и се продадени во милионски тиражи низ светот. И самиот многу патува промовирајќи мир, здравје и добросостојба. Роден е во 1947 година, во Њу Делхи, како син на познат кардиолог, каде што завршува медицина на Индискиот државен институт по медицински науки. Специјализира ендокринологија, поточно невроендокринологија во Америка. Предава на медицинските факултети при Универзитетот Тафтс и Бостонскиот Универзитет. Директор е на Институтот за алтернативна медицина, кој се занимава со проблемите на дисциплината „медицина на поврзаноста ум-тело“ и човечкиот потенцијал при Центарот „Шарп“ во Сан Диего. Чопра е исто така и основач и извршен директор на Центарот „Чопра“ во одморалиштето Ла Коста во Карлсбад, Калифорнија.
Истражувањата за медицината на умот и телото Чопра ги продлабочил откако во својата практика се сретнал со 128 повеќе примери на спонтано оздравување на пациенти на кои им биле прогнозирани уште неколку недели живот. Денес тој успешно ги комбинира знаењата на ајурведата и на западната медицина во својата работа, што наоѓа одраз и во неговите книги: Создавајќи здравје, Совршено здравје, Враќање на ришиите, Седумте духовни закони на успехот, Патот на љубовта, Книга на тајните, Душата на лидерот, Приказна за откровението, За што сте гладни, Супер гени, Вие сте универзумот, Квантно исцелување, Река на вечноста, Тело и дух, Патот на волшебеникот... Благодарение на своите книги и видеа, Дипак Чопра стана култна фигура во алтернативната и холистичка медицина.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам