Елена Феранте, чиј вистински идентитет сѐ уште е обвиен во тајност, е најзначајната современа италијанска писателка, но и едно од најголемите имиња на светската современа книжевна сцена. За нејзиниот приватен живот се знае многу малку – не се појавува на книжевни манифестации, промоции, телевизиски емисии, јавни собири од кој и да е карактер, со исклучок на малкуте интервјуа во писмена форма од кои се открива дека е родена во Неапол, во 1943 година, дека има завршено филолошки студии и дека Елза Моранте ѝ е омилена писателка. Невидлива и мистериозна, смета дека не е важно кој е автор на делото туку самото дело, зашто ако тоа има што да раскаже, порано или подоцна, ќе најде свои читатели, како што има изјавено во интервју за весникот Унита во 2002 година. Авторка e на десетина романи, меѓу кои Вознемирувачка љубов (l’Amore molesto, 1992), психолошки трилер со драматична подлога, базиран врз односот мајка – ќерка; Денови на заборав (I giorni dell’abbandono, 2002), интроспективно патување на главниот лик Олга по распадот на нејзиниот брак и враќањето на контролата врз себе и врз својот живот; Загубената ќерка (La figlia oscura, 2008), патување низ мајчинството и односот мајка – ќерка. Светска слава на Елена Феранте ќе ѝ донесе таканаречената Неаполска тетралогија, или Неаполски романи, од кои првиот е насловен Мојата генијална другарка (L’amica genialе, 2011), вториот Приказна за новото презиме (Storia del nuovo cognome, 2012), третиот носи наслов Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат (Storia di chi fugge e di chi resta, 2013), а четвртиот и последен роман од тетралогијата е Приказна за изгубеното девојче (Storia della bambina perduta, 2014). Како во првите дела што ѝ претходат на тетралогијата така и во самата тетралогија главни ликови се жени кои се борат за да успеат, да се афирмираат во животот, во работата. Тие се ќерки, сопруги, мајки кои во своите стремежи за успех се попречувани од родителите, од мажите, од децата. Целата сага се темели врз нераскинливото и амбивалентно педесетгодишно пријателство меѓу две необични жени, Лила и Елена, испреплетено со педесет години историја на Италија. Врз таа основа Елена Феранте опфаќа импресивен број теми, без притоа да го жртвува квалитетот на нарацијата и стилот. „Треската Елена Феранте“, која во 2011 година ја запали целата планета со објавувањето на првиот роман Мојата генијална другарка од маестрално напишаната тетралогија која раскажува за животот на двете пријателки Лила и Лена во еден сиромашен кварт во Неапол, продолжи да ги освојува срцата на читателите низ целиот свет и со останатите три книги. Лажливиот живот на возрасните (La vita bugiarda degli adulti) излезе од печат на 7 ноември 2019 година. Во овој роман на Елена Феранте главни ликови се Џована и Виторија, внука и тетка. Во еден момент малата Џована се наоѓа нурната во пеколот наречен живот на возрасните, во кој се обидува да се пронајде самата себе и своето место во светот. Американската новелистка Роксана Ронизон ја смета Елена Феранте за една од најголемите романсиерки на почетокот на XXI век. Во 2016 година американското списание Тајм ја вброја Феранте меѓу 100-те највлијателни личности на светот во категоријата уметници.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам