×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Јувал Харари


Јувал Ноа Харари (1976) е израелски историчар и писател пораснат во секуларно еврејско семејство во Хаифа, Израел. Студирал средновековна и воена историја на Еврејскиот Универзитет во Ерусалим, а докторирал на Исусовиот колеџ на Универзитетот во Оксфорд. Од 2003 до 2005 г. посетувал постдокторски студии по историја како стипендист на фондацијата Јад Ханадив. Работи како професор на Историскиот факултет при Еврејскиот Универзитет во Ерусалим, држи редовни предавања низ светот за темите што ги обработува во своите дела и пишува за Гардијан, Фајненшал тајмс, Тајмс, Волстрит џурнал итн.

Има објавено голем број книги и статии: Специјалните операции во времето на витештвото 1100 – 1550; Кулминација: откритијата на бојното поле и создавањето на модерната воена култура, 1450 – 2000; Решавачките битки како поим во светската историја; Фотелји, кафе и авторитет: сведоштва и лични искуства за војната, 1100-2000. Неговата книга Сапиенс: кратка историја на човечкиот род беше објавена во 2011 г., а во 2014 г. излезе и на англиски јазик. Оттогаш е преведена на речиси 50 јазици и продадена е во осум милиони примероци. Се наоѓаше на листата на најпродавани книги на Сандеј тајмс повеќе од шест месеци, а се најде и меѓу најдобрите десет книги на Њујорк тајмс. Сапиенс ја препорачаа и Барак Обама, Бил Гејтс и Марк Закерберг.

Во 2016 година ја објави Хомо деус: кратка историја на иднината, во која ги разгледува големите проекти со кои ќе се соочи човечкиот род во 21 век. За помалку од две години книгата беше преведена на 50 јазици и продадена во четири милиони примероци. Во 2018 г. ја објави книгата 21 лекција за 21 век, во која се занимава со глобалните климатски проблеми. Предмет на неговите најнови истражувања се светската историја и макроисториските процеси.

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои е наградата Полонски за креативност и оригиналност во 2009 и во 2012 г., наградата Монкадо за 2011 г. на Здружението за воена историја и др. Од 2012 г. е член на Израелската младинска академија на науките.