Карен Мекквешчен е современа американска романсиерка, авторка на дваесетина романи за возрасни, тинејџери и деца. Нејзините книги се преведени на сите големи светски јазици и се продадени во над два милиона примерока. Родена е во 1961 година, во Милвоки, Висконсин.
Мекквешчен е приврзаник на самостојното издавање. Сепак, по продавањето на 30.000 примероци од самостојно објавените книги, таа потпиша договор со Амазон Енкор за преиздавање на нејзиниот роман „Растргнат живот“. Џеф Бел, потпретседател на издавачката куќа Амазон, вели дека ги откриле книгите на Меквешчен преку податоците за продажба на Киндл и преку позитивните критики на читателите. Од февруари 2014 година „Растргнат живот“ е продаден во над 190.000 примероци. Нејзиниот роман „Долг пат до дома“ се смета за еден од најголемите успеси на издавачката куќа Амазон, бидејќи набрзо по издавањето беше продаден во повеќе од 200.000 примероци.
Други нејзини популарни книги се „Добре дојде, љубов“, „Половина срце“, „Лесно е да ја насмееш“, „Мене повеќе ми недостига“.
Нејзините дела се занимаваат со темите на човечката добрина, заемните односи меѓу луѓето и невидливите нишки што ги поврзуваат и што неизбежно ги упатуваат еден кон друг. Освен тоа, книгите за деца и млади ѝ се одликуваат со многу хумор и богата фантазија.
Живее во градот Хартленд, Висконсин.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам