×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Амин Малуф


Амин Малуф е современ француски писател, есеист и новинар од либанско потекло. Со своите романи се наметнува како извонреден набљудувач и толкувач на своето време, успевајќи со нив да изгради мостови меѓу различните цивилизации и култури во духот на толеранцијата и хуманистичките принципи, толку неопходни на современиот свет и на времињата што ги живееме. Таа толеранција и тие хуманистички принципи провејуваат и во неговиот бестеселер „Левантски бројаници“, објавен во 1996 година, според кој во 2015 година е снимен и филм.

Роден е на 25.2.1949 година, во Либан, во образовано франкофонско семејство. Студирал социологија и економија на Францускиот универзитет во Бејрут, а потоа работел како новинар и воен известувач, а до почетокот на Граѓанската војна во 1975 година бил директор на бејрутскиот дневен весник „Ан-Нахар“. Во 1977 г. со семејството емигрирал во Франција, во Париз, не сакајќи да учествува во војната. Некое време се занимава со новинарство, но набрзо се посветува на книжевноста пишувајќи на совршен француски јазик, иако мајчин му е арапскиот. Светска слава постигнува со историскиот есеј „Крстоносните војни во очите на Арапите“, објавен во 1983 година. Други негови значајни есеи се „Растројство на светот“, 1997 и „Погубни идентитети“ од 1998 година. И подоцнежните романи на Малуф ја постигнуваат истата слава и ја потврдуваат неговата книжевна моќ: „Леон Африканецот“, 1986; „Самарканд“, 1988; „Градини на светлината“, 1991; „Балдасаровото патешествие“, 2000; „Потекла“, 2004; „Дезориентирани“, 2012; „Фотелја на Сена“, 2016; „Бродолом на цивилизацијата“, 2019; „Неочекувани браќа“, 2020 и други.

За романот „Таниосовата карпа“, објавен во 1996 година, ја добива Гонкуровата награда, најголемото француско книжевно признание. Но најголемото признание го добива со изборот во Француската академија во 2011 година, станувајќи прв Либанец избран меѓу „40-те бесмртници“. Неговите дела се преведени на над 40 светски јазици.

„Левантски бројаници“, називот на овој роман, е всушност некогашното име на низата трговски градови низ кои минуваат патниците од Европа на пат кон Исток. Од Цариград до Александрија, преку Смирна, Адана или Бејрут, сите овие градови долго време се места каде што се среќаваат разни јазици, обичаи, религии и верувања. Светови кои историјата полека ги обликувала пред да ги разори, патем уништувајќи и безброј животи.