×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Превод: Ивица Челиковиќ


Ивица Челиковиќ (1962, Скопје) е поет, раскажувач и преведувач.Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1990 г, а од 2003 г. и на Сојузот на шведските писатели. Од 1990 г. живее и работи во Гетеборг, Шведска, каде што ја уредувал програмата на Радио Гетеборг за слушатели од подрачјето на поранешна Југославија во периодот 1991 – 1993, а бил дописник и на Македонската радио-телевизија (МРТВ) од Шведска и Скандинавија во периодот 1991 – 2005. Бил уредник на списанието „Македонски весник“, орган на Македонскиот сојуз, и е еден од основачите и претседател на поетското друштво „Дениција“ од Гетеборг, кое се грижи за програмскиот дел на манифестацијата „Денови на македонската поезија“ во Шведска.

Завршил Интердисциплинарни студии по новинарство во Скопје, а во 1999/2000 година студирал на Институтот за масовни медиуми и комуникации при Универзитетот во Гетеборг. Од 2000 до 2008 г. соработувал како слободен новинар со неколку шведски весници („Метро“, „Сити Гетеборг“, „Сју дагар“). Денес работи како генерален секретар на Македонскиот сојуз во Шведска и одговорен е за веб-страницата на Сојузот. Иницијатор е на низа активности и манифестации со кои во изминатите две децении е презентирана и афирмирана македонската култура во Шведска. 

Автор е на 9 стихозбирки и 6 романи, за кои добил повеќе награди и признанија, меѓу кои Млада Струга, Златно перо, Иселеничка грамота, Стојан Христов и Стале Попов. Превел над триесет дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Јалмар Содерберг, Хари Мартинсон, Торгни Линдгрен, Гунар Екелоф, Биргита Тротциг, Артур Лундквист, Астрид Линдгрен, Ласе Содерберг, Хелена Хеншен, Катарина Фростенсон, Сара Стридсберг, Фредрик Бакман, Јунас Хасен Кемири, Лота Лундберг, Кристина Улсон и Микаел Ниеми.

Преведува и македонската литература на шведски. Составувач е на антологијата „Македонска поезија“ што во негов превод на шведски е објавена во 2005 година.

За периодот 2016 – 2020 година е добитник на петгодишна работна стипендија од шведскиот Писателски фонд, која му е доделена за неговото авторско творештво, како и за посебниот придонес во преведувањето на шведската литература на македонски јазик.