×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Андреа Камилери


Андреа Камилери e еден од најпознатите италијански писатели, во светот популарен како книжевен татко на славниот полициски инспектор Салво Монталбано, главен лик на криминалистичката серија Монталбано. Бил и сценарист, театарски режисер и драматург. Автор е на над сто дела – поетски книги, историски романи, криминалистички приказни и раскази. Неговата сага посветена на инспекторот Монталбано содржи 28 романи, објавени во периодот меѓу 1994 и 2020 година, кои се преведени на триесетина јазици и продадени во над 10 милиони примероци. Носител е на Орден за заслуги на Италијанската Република.

Роден е во 1925 г., во Порто Емпедокле, на Сицилија. Својата писателска кариера ја започнува откако долго време работел во Рим како режисер за телевизија, радио и театар. Првиот роман Текот на нештата (Il corso delle cose) го завршил во 1968 г., но бил објавен дури по десет години, зашто повеќе издавачи го одбивале поради проблемите со разбирање на неговиот книжевен јазик обоен со локални дијалекти и лични јазични креации. Вториот роман Нишка чад (Il filo di fumo, 1980) доживува голем успех. Но стравувајќи дека ќе наиде на отпор кај читателите поради дијалектните изрази, издавачот го принудил да додаде глосар на крајот од романот. Дури во средината на 90-тите години Камилери почнува да се смета за вистински книжевен феномен.

На 91-годишна возраст, поради целосна загуба на видот, принуден е да ѝ ги диктира романите на својата асистентка Валентина Алфери, „единствената способна да пишува на вигатски“, односно на мешавината на италијански и сицилијански што ја создавал. Камилери е вистински пример за „плурилингвизам“ и денес неговиот јазик се проучува од лингвисти од целиот свет. Тој на многу дијалектни зборови им доделува значења различни од вообичаените преосмислувајќи ја нивната употреба, и вешто преминува од еден јазичен код во друг, но таа мешавина никогаш не ја губи од вид потребата за разбирливост за секој што го познава италијанскиот јазик. Поради таквата своја комплексност, романите на Андреа Камилери се голем предизвик за секој преведувач.

Починал на 17 јули 2019 година, на 93-годишна возраст. Како деклариран атеист, бил погребан на некатоличките гробишта во Рим. Андреа Камилери остави длабока трага во современата италијанска литература со своето творештво, создавајќи уникатен свет во кој јазикот, иронијата и човечноста се спојуваат во препознатлив авторски универзум. Неговиот инспектор Салво Монталбано продолжува да живее меѓу читателите како симбол на етичка свест, на љубов кон правдата и на хуманоста.