×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Џонатан Хајт


Џонатан Хајт (1963) е современ американски социјален психолог, автор и професор по етичко лидерство на Универзитетот „Стерн“ при Њујоршкиот универзитет. Посветен е на истражувања од областа на моралната психологија, политичката поларизација и менталното здравје на младите.

Израснат е во Њујорк, а студирал филозофија на Универзитетот „Јејл“. По завршувањето на докторските студии, бил соработник на Чикашкиот универзитет, каде што ја проучувал и истражувал културната психологија. Докторирал социјална психологија на Универзитетот во Пенсилванија, во 1992 година. Шеснаесет години работел како професор на Универзитетот на Вирџинија, како и на Њујоршкиот универзитет. Се јавува како основач на Академијата „Хетеродокс“ (организација за зголемување на различни мислења и конструктивен дискурс на универзитетите), на „Етикал системс“ (организација за истражување на етиката на бизнисите), како и на организацијата „Нека растат“, посветена на враќањето на здравото детство во нашиот дигитален век.

Автор е на повеќе значајни дела, меѓу кои се „Хипотеза на среќата“ (2006), „Праведниот ум: зошто добрите луѓе се поделени преку политиката и религијата“ (2012), „Разгалувањето на американскиот ум“ (2018) и „Анксиозната генерација“ (2024). Носител е на награда „Темпелтон“ во позитивната психологија. Член е на Американската академија на уметностите и науките.

„Анксиозната генерација“ важи за негово најуспешно дело – глобален хит кој доби многу признанија – поранешниот претседател на САД Барак Обама ја вброи во своите омилените книги, беше прва на списокот на „Њујорк тајмс“ на најпродавани книги, на кој се задржа повеќе од 52 недели. Книгата беше избрана за најдобра според „Гудридс“ во својата категорија, а вклучена е како референта во многу дебати за менталното здравје на младите луѓе.

Хајт е најпознат по своите истражувања на моралната психологија и моралните вредности, како и на темата што доминира во неговите понови дела – влијанието на социјалните медиуми и технологијата врз развојот и менталното здравје на младите (особено на генерацијата З, односно зумерите), и како да го вратиме детството базирано врз игра, наместо детството и адолесценцијата базирани врз паметни телефони. Неговите трудови имаат значајно влијание врз современите дебати за образованието, воспитувањето и дигиталната култура.