Д-р Камелија Симеонова е специјалист по детска и адолесцентна психијатрија и докторантка во завршна фаза на докторските студии. Основачка и сопственичка е на „Ориками“ – центар за психолошко советување. Медицинскиот факултет и специјализацијата ги завршува на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работното искуство во областа го започнува на Клиниката за психијатрија во Скопје, по што продолжува да работи во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Паралелно го надградува своето образование во областа на психотерапијата, започнувајќи на Институтот „Алтернатива“– акредитиран од EFTA/EAP, каде што се стекнува со сертификат за семеен и системски советник. Професионалниот развој го продолжува преку обуки за Cognitive Behavioral Therapy (CBT), Dialectical Behavior Therapy (DBT) и Self-Injury Training на Институтот „Бек“ во Пенсилванија, САД. Подоцна се посветува на партнерската дијада, следејќи часови по Емоционално фокусирана терапија, крунисувајќи го своето стручно усовршување со Лондонската диплома по Psychosexual and Relationship Therapy и Postgraduate Certificate in Psychosexual and Relationship Therapy (март 2025). Во тешките мигови за време на пандемијата на ковид-19, активно се вклучува во СОС-линијата за поддршка на менталното здравје на граѓаните. Во 2023 година се приклучува на FLOURISH – Програма за адолесцентно и целоживотно здравје со фокус на семејството при Институтот „Алтернатива“. Во 2024 година учествува во програмата „Учам за моето здравје“, проект за промоција на менталното здравје во организација на Светската здравствена организација (СЗО). Истата година активно придонесува во изработката на Прирачник за стандарди и квалитет на менталното здравје на деца и адолесценти при Европската школа на СЗО – Атина. Во 2025 година учествува на Четвртиот светски самит за педијатрија и ментално здравје кај деца во Дубаи (ОАЕ), каде што ја истакнува суштината на живеењето во функционално семејство. Нејзината професионална мисија, низ бројни јавни настапи и ангажмани, има една единствена цел – да им помогне на семејствата да останат поврзани, стабилни и свесни во процесот на растење и промена.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам