×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Емилија Пардо Басан


Емилија Пардо Басан (Ла Коруња, 1851 – Мадрид, 1921) е една од најзначајните шпански писателки и клучно име во шпанската книжевност од втората половина на XIX век. Со нејзината солидна книжевна наобразба, градена самоуко во текот на целиот живот со неумолива љубопитност, како и со уникатниот писателски талент и проникливиот критички поглед, таа ќе се постави како една од најважните претставнички на реализмот и натурализмот во Шпанија. Таа е и пионерски глас за рамноправноста на жените, тема на која ќе се навраќа во многу нејзини текстови. Авторка е на дваесетина романи, на уште толку новели, на повеќе стотици раскази, есеи, статии и многу разновидни книги (биографии, патописи, драми, готвачи и др.). И покрај нејзиниот огромен придонес за шпанската книжевност, не влегува во Шпанската кралска академија поради дискриминаторските политики во тоа време, неправда што оваа институција ќе се обиде да ја поправи на симболичен начин дури во 2021 г., сто години по нејзината смрт.

Како најголема новина во нејзиното време, натурализмот го привлекува вниманието на Пардо Басан и тој ќе се претвори во централна тема на нејзината поетика. Таа пишува бројни статии за оваа појава во европската книжевност, поместени во книгата Горливото прашање (La cuestión palpitante, 1883), во кои го дефинира натурализмот и ги анализира натуралистичките тенденции во творештвото на повеќе европски писатели. Неминовно поаѓа од Емил Зола, клучната фигура на натурализмот, но нејзиниот став е критички. Според неа, писателот не може да се води само според надворешните условувања кога го гради својот лик, а да го остави настрана духовниот, интимниот живот на поединецот. „Неизречливото чувство“ што ни го предизвикува уметноста е производ на некој исто толку неизречлив елемент што мора да го има секоја уметничка творба. Духовноста на која инсистира Пардо Басан како неопходен елемент во уметноста, без притоа да одземе од важноста на материјалното, ја води кон модели што ги содржат двата елемента, но подалеку од романтизмот, интимизмот и идеализмот. Помирувањето на овие екстреми ја доведува до рускиот роман, во кој го наоѓа посакуваниот баланс.

Поетиката на Пардо Басан се вклопува во општиот сентимент на шпанската книжевна сцена кон овие нови книжевни појави. Ова е и основата на таканаречениот „шпански натурализам“, уникатен хибрид на реализам и натурализам, одразен и во обработката на романескната граѓа и во наративните постапки.

Меѓу поважните дела во нејзиното творештво се вбројуваат романите Паскуал Лопес: автобиографија на еден студент по медицина (Pascual López: autobiografía de un estudiante de medicina, 1879), Трибина (La Tribuna, 1883), Поседите на Уљоа (Los Pazos de Ulloa, 1886), Мајка природа (La madre naturaleza, 1887), Сончаница (Insolación, 1889), Спомените на еден стар ерген (Memorias de un solterón, 1896); новелата Капка крв (Gota de sangre, 1911); збирката раскази Приказни за љубовта (Cuentos de amor, 1898); есеите Горливото прашање (La cuestión palpitante, 1883), Нов критички преглед (Nuevo teatro crítico, 1892) и други.