Ахматова ја сметаат за спој меѓу традиционалната, класична, и модерната поезија. Иако е акмеист, кај неа се забележуваат и траги од симболизмот, пред сè на планот на атмосферата во песната. Нејзиниот лирски гениј е признат и прифатен од современиците. Каj некои од нив, како што се Винокуров, Ахмадулина, Бродски и некои други, е видливо неговото влијание. Постojат две константи, или две магистрални линии по кои се движи мотивски поетската вокација на Ахматова: линијата на камерниот интимизам во кој доаѓа до израз ракописот на душата, и линијата на отвореност кон епохата. Многумина се склони да ја глорифицираат првата линија како доминантна. Но не е помалку значајна ни втората линија, поекстровертната, ангажираната и хуманистичка, карактеристична, речиси без исклучок, за сите руски поети. Таа линија априори ѝ ја оспорува советската критика, за да ја признае подоцна, за време на Втората и по Втората светска војна. Тоа е затоа што поетесата од Жданов и кругот околу него, се разбира, поради нејзиниот аристократизам и носталгијата кон минатото, е жигосана со опасната етикета „внатрешна емигрантка“. Но тоа е неправедно, бидејќи родољубивата тема во поезијата на Ахматова е присутна кај неа и пред Втората светска војна во која таа лично учествува во одбраната на Ленинград. Уште во 1917 година, ја пишува песната „Ми дојде да ме теши глас“, во која одбива секакво отклонување од својата татковина во нејзините судбоносни денови, кои се исто толку судбоносни и тешки и за неа.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам