Славен, оспоруван, фален и наградуван, Мишел Уелбек е француски писател роден во 1958 г., на островот Реунион како Мишел Томас. Син е на ски-инструктор и лекарка, кои за својот син, според зборовите на Уелбек, многу брзо загубиле секаков интерес. До својата шеста година живеел во Алжир кај родителите на мајка му, а потоа во Франција, кај татковите, кои го израснале. Подоцна го зема моминското презиме на својата баба од таткова страна и влегува во француската книжевност како Мишел Уелбек.
Во 1980 година Мишел дипломира агрономија во Париз, а во книжевниот свет се појавува за првпат во 1985 г., објавувајќи песни во списанието Ла нувел реви. Истата година кога ја објавува првата збирка поезија (1991), објавува и биографија на авторот на хорор-приказни Х. Ф. Лавкрафт, со кој бил опседнат во младоста. Три години подоцна го објавува својот роман првенец Проширување на полето за борба, со кој го привлекува вниманието на публиката и критичарите. Следуваат романите Елементарни честички (1998), Ланзароте (2000), Платформа (2001) и Можноста на еден остров (2005), со кои добива статус на еден од најпопуларните и најконтроверзни француски писатели на денешницата. За романот Елементарни честички ги добива наградата Prix Novembre и епитетот „нихилистички класик“. По него следуваат романите Мапата и просторот (2010), кој му ја носи најпрестижната француска книжевна награда Гонкур, и Покорување (2015), со кој ја потврдува својата репутација како најконтроверзен светски автор.
Романите на Уелбек критиката често ги карактеризира како вулгарни, памфлетски, порнографски, а поради ставовите што ги изнесува во нив и во интервјуата, обвинуван е како расист, женомразец и исламофоб. Поради антиисламистички ставови и обвинувања за поттикнување на расна и верска омраза, во 2005 г. против него е покрената судска постапка. Повикувајќи се на прокламираната слобода на говор, судот го ослободува од обвинувањата, но по овој процес Уелбек ја напушта Франција и заминува најпрвин во Ирска, а потоа во Шпанија. Во 2018 г. ја доби наградата „Освалд Шпенглер“ за своето творештво, а посебно за Покорување, а на 1 јануари 2019 година го доби највисокото француско признание „Легија на честа“.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам