Гери Лакман е автор на 21 книга на теми што се протегаат од еволуцијата на свесноста до самоубиства на книжевници, популарната култура и историјата на окултното. Има објавено мемоари за рокенрол-сцената на 1970-тите, биографии за Алистер Кроули, Рудолф Штајнер, К. Г. Јунг, Хелена Петровна Блавацка, Емануел Сведенборг, П. Д. Успенски и Колин Вилсон, истории за херметизмот и за западната внатрешна традиција, студии за егзистенцијализмот и за филозофијата на свесноста и за влијанието на езотеријата врз политиката и општеството. Пишува за неколку весници во Англија, Америка и Европа како „Фортин тајмс“, „Квест“, „Стрејнџ атрактор“, „Фенрис Вулф“, а негови дела се имаат појавено и во „Тајмс литерари саплемент“, „Тајмс еџукејшнал саплемент“, „Гардијан“, „Индепендент он сандеј“, „Сандеј тајмс“, „Моџо“, „Гнозис“ и други публикации. Редовен предавач е на универзитети во Англија, Америка и Европа, а неговите дела биле преведени на десетици јазици. Се има појавено во неколку филмски и телевизиски документарци и на „Би-би-си“ и е дел од соработничкиот Факултет за трансформативни студии при калифорнискиот Институт за интегрални студии. Пред да стане професионален писател, Лакман студирал филозофија, предводел „њу ејџ“ продавница за книги, предавал англиска литература и бил научен писател за УКЛА. Еден е од основачите на поп-групата „Блонди“ и во 2006 година беше примен во Рокенрол куќата на славните. Лакман е роден во Њу Џерси, но од 1996 година живее во Лондон, Англија.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам