×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Роберт Б. Чалдини


Роберт Б. Чалдини е современ американски психолог и истражувач кој се прослави со својата книга „Психологија на влијанието“, дело за манипулативните техники што се користат за придобивање на луѓето и нивната согласност.

Роден е на 27 април 1945 година, во Милвоки, Висконсин. Се школувал на универзитетите во Висконсин и Северна Каролина, како и на Колумбискиот Универзитет. Работел како професор по психологија и маркетинг на Државниот универзитет во Аризона и како гостин професор по маркетинг, бизнис и психологија на Универзитетот Станфорд. Во 1996 г. бил претседател на Друштвото за социјална психологија и психологија на личноста. Во 2009 година ја завршува својата истражувачка дејност, останувајќи почесен професор на Државниот универзитет во Аризона.

Неговата книга „Влијание: психологија на убедувањето“ се објави во 1984 година, заснована врз тригодишни „прикриени“ обуки во областите продажба на автомобили, организации за собирање средства и фирми за телемаркетинг, за да може одблизу да ги набљудува реалните ситуации на убедување. Така, открива дека влијанието се заснова врз шест клучни принципи: реципроцитет, посветеност и доследност, социјална потврда, авторитет, допадливост и недостиг. Во 2016 година додава уште еден – принципот на сличност. Колку повеќе се идентификуваме со другите, толку поголема е веројатноста да паднеме под нивно влијание. Книгата е продадена во над пет милиони примероци и е преведена на педесетина јазици. Се најде на списокот на најпродавани книги на „Њујорк тајмс“, а „Форчан“ ја наведува во нивните „75 најпаметни деловни книги“. Исто така, се вбројува меѓу 50 класични дела од областа на психологијата.

Една од другите книги на Чалдини, „Да! 50 научно докажани начини да се биде убедлив“, беше исто така бестселер на „Њујорк тајмс“, а книгата „Малото ГОЛЕМО: мали промени што предизвикуваат големо влијание“ беше книга на годината на „Тајмс“. Во 2016 година ја објави „Пред-убедување: скриените механизми на ефикасното влијание“, која стана бестселер на „Њујорк тајмс“ и на „Волстрит џорнал“.

Има добиено повеќе награди за својата работа во областа на социјалната психологија и психологијата на потрошувачите. Според него е именувана наградата што ја доделува Друштвото за лична и социјална психологија за психолошки истражувања што ја покажуваат општествената важност на користењето теренски методи. Во април 2019 година е избран за член на Националната академија на науките.