Скот Галовеј е современ американски претприемач, автор, јавен говорник, филантроп, професор на Бизнис-школата „Стерн“ на Универзитетот во Њујорк.
Роден е на 3 ноември 1964 година, во Лос Анџелес. Дипломирал економија на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес, а во 1992 година магистрирал бизнис-администрација. Пред да ја основа својата прва маркетиншко-консултантска фирма „Профет“, работел како аналитичар во „Морган Стенли“. Основач е и на фирмата „L2“ за дигитална интелигенција, на стартапот „ Section4“ за онлајн едукација и на уште неколку други фирми. Бил член во управните одбори на неколку значајни компании. Познат е и по своите јавни презентации и по разговорите во стилот на ТЕД-говорите, насловени како „Победници и губитници“. Во 2022 година неделниот билтен на Галовеј „Без милост/без злоба“ ја освои наградата „Веби“ и Наградата за народен глас на „Веби“ за најдобра веб-страници за бизнис, вести и технологија и за најдобра мобилна страница.
Како професор по дигитален маркетинг и бренд-менаџмент на Бизнис-школата „Стерн“, неговите истражувања се фокусираат на технолошките компании од „Големата четворка“: „Алфабет“, „Амазон“, „Мета“ и „Епл“, кои тој ги нарекува „Четворката“ или „Четирите коњаници“. Неговата прва книга „Четирите: скриената ДНК на Амазон, Епл, Фејсбук и Гугл“, беше објавена во 2017 година. Автор е и на книгите „Алгебра на среќата: белешки за потрагата по успех, љубов и значење“ (2019), „Посткорона: од криза до можност“ (2020), „Лебдење: Америка во 100 графикони“ (2022). Неговата последна книга „Алгебра на богатството: едноставна формула за финансиска сигурност“ беше издадена во 2024 година
Во 1999 година Галовеј беше избран во класата „Светски лидери на иднината“ на Светскиот економски форум, што им оддава признание на 100 луѓе на возраст под 40 години, чии достигнувања имаат влијание на глобално ниво.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам