Стивен Бартлет е претприемач, јавен говорник, инвеститор и иноватор, автор на популарниот поткаст „Дневникот на еден извршен директор“, кој во 2024 г. беше рангиран меѓу петте најпопуларни поткасти во светот.
Својата кариера ја започнал уште на 18-годишна возраст основајќи го првиот бизнис. Својот серијал од поткасти го започнал како чист експеримент во 2017 година, никогаш не мислејќи дека може да стане толку популарен.
Роден е во 1992 година, во Манчестер. Долго време поминал учејќи во САД, а потоа се вратил во Велика Британија и го започнал своето професионално патување како основач на компанијата „Соушал чејн“, која за многу краток период станала водечка агенција за друштвени медуми во Европа. Во 2013 година го основал „Волпарк“, платформа преку која студентите од различни градови можат да се поврзат за да можат да споделуваат сè, од себепромоција до продавање на стари учебници. Во 2014 година станува коосновач на маркетинг-агенција во Манчестер, во 2023 е коосновач на софтверската платформа „Трд веб“ од Калифорнија што го олеснува создавањето на веб-апликации итн.
По успехот во бизнисот, Стивен Бартлет се посветува на споделување на своите искуства низ поткаст и низ книги, користејќи го своето искуство како инспирација за новите генерации и за образование на нови претприемачи, несебично пренесувајќи им го сето знаење што не може да се најде во учебниците.
Својата прва книга „Среќен секси милионер: неочекуваните вистини за исполнетост, љубов и успех“ ја објавува во 2021 година и за кратко време таа станува бестселер на „Сандеј тајмс“. Истата година неговиот поткаст бележи над 10 милиони прегледи со 40 000 гледачи месечно. Во 2023 година ја објавува втората книга „Дневникот на еден извршен директор“, која е комбинација од психологија, личен развој и професионални стратегии, заснована врз разговорите што во поткастот ги води со едни од најуспешните луѓе на светот. Таа се најде во најтесниот избор за британската награда Книга на годината и стана најпродаваната книга за личен развој. Во меѓувреме стана и светски бестселер и досега е преведена на над 35 јазици.
Во 2020 година Бартлет беше примен во Холот на славните во Манчестер, а истата година беше вклучен и во списокот „Форбс 30 под 30“.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам