Д-р Радица Никодиновска е редовен професор на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, каде што магистрирала и докторирала. Во периодот 1998 – 2002 и 2006 – 2008 година била ангажирана како лектор по македонски јазик на Универзитетот за ориентални јаици „Ориентале“ во Неапол (Италија). По завршувањето на тој ангажман, држела настава на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на група предмети од областа на дидактиката на италијанскиот јазик како странски и од областа на преведувањето и толкувањето од италијански на македонски јазик и обратно.
Д-р Радица Никодиновска се занимава и со стручно-научна работа од областа на италијанско-македонските јазични сопоставувања и пошироко, како и со преведување на литературни текстови, стручни текстови, филмови и документарни емисии од италијански и од француски на македонски јазик, и обратно. Има објавено околу стотина трудови поврзани со областите кои се предмет на нејзиниот интерес. Таа е признат консекутивен и симултан толкувач и во повеќе наврати била ангажирана за време на официјални посети на високи македонски делегации во посета на Италија и на италијански делегации во посета на Македонија. За својата преведувачка активност и за промоција и ширење на италијанската култура во РСМ добитничка е на неколку награди и признанија: престижната Национална награда за преведување (Premio nazionale per la traduzione – edizione 2019) од Министерството за култура на Р Италија во 2020 г.; наградата „Божидар Настев“ од Сојузот на литературни преведувачи за превод на романот „Продавница на тајни“ од Дино Буцати (2005). Добитник е на два ордена на Италијанската Република: од редот „витез“ Ordine della stella della solidarietà italiana (2004) и од редот „офицер“ Ordine della Stella d’Italia (2019), што ги доделува Претседателот на Република Италија за ширење на италијанската култура во странство.
Д-р Никодиновска била вклучена во повеќе научно-истражувачки проекти меѓу кои проектот на Универзитетот „Ла Сапиенца“ од Рим, насловен “La fraseologia nelle traduzioni di Italo Calvino: sviluppo verso la bi-direzionalità del repertorio CREAMY (Calvino REpertoire for Analysis of Multilingual PhraseologY)”. Од особена важност е вклученоста на македонскиот јазик во овој проект, што може да се смета еден вид македонски влог во проучувањата на полето на контрастивната фразеологија.
Има преведено четириесетина книжевни дела од италијански на македонски, меѓу кои во последните години се истакнуваат романите од „Неаполската сага“ на Елена Феранте, како и „Лажливиот живот на возрасните“ од истата авторка, „Шеесет раскази“ од Дино Буцати, „Италијански приказни“ од Итало Калвино, „Славната инвазија на мечките во Сицилија“ од Буцати, „Поликсена со прасето“ од Бјанка Пицорно и уште многу други, кои спаѓаат во самиот врв на преведената книжевност кај нас.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам