Ерин Дум, псевдоним на Матилде (презимето е непознато), е млада италијанска писателка која се прослави со својот првообјавен роман „Солзотворецот“, кој за три години во Италија е продаден во над половина милион примероци и веќе е преведен на 26 јазици. Родена е во италијанскиот регион Емилија-Ромања. Има дипломирано на Факултетот за правни науки. За својот псевдоним објаснува дека го избрала името Ерин бидејќи е „ирско име поврзано со природата и слободата“, а презимето Дум од истоимениот англиски збор кој се преведува како „судбина“, што е заедничка карактеристика на сите нејзини ликови, поврзани со иднина која ги обединува.
Во 2017 година, на социјалната мрежа Wattpad, Ерин Дум објавува два романа: „Начинот на кој паѓа снегот“ и „Солзотворецот“, кои постигнуваат голем успех, особено кај младата публика. Издавачката куќа „Магаѕини Салани“, поттикната од огромниот интерес на читателите за „Солзотворецот“, го издава неговото преработено издание во мај 2021 година, кое станува вистински бестселер во 2022 година и ја задржува првата позиција на листата на најпродавани книги пет недели по ред. Веднаш потоа, „Нетфликс“ ги откупува правата за снимање филм според овој роман.
Во 2022 истата издавачка куќа го објавува и нејзиниот роман „Начинот на кој паѓа снегот“, кој е веќе преведен на 18 јазици. Нејзиниот трет роман, „Стигма“, е објавен во 2023 година, како прв том од една подолга сага. Дум бележи висока продажба – над 600.000 примероци од „Солзотворецот“, 230.000 примероци од „Начинот на кој паѓа снегот“ и 170.000 примероци од третиот роман „Стигма“, што ја прави една од најчитаните современи авторки.
Ерин Дум навлегува во душите на Ригел и Ника – главните ликови во „Солзотворецот“ – полека откривајќи ги преку љубовта и добрината, она што не можеле да го добијат во домот за незгрижени деца, и ослободувајќи ги од маските што животот ги натерал да ги носат. Двајцата, со скршени срца, се делчиња од една измешана сложувалка во која, надополнувајќи се еден со друг, создаваат совршен спој.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам