Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поетеса, писателка, антрополог, литературна преведувачка, полиглот. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт. Докторирала антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а како антрополог истражувала граници, миграции, егзил и бездомност. Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“, како и голем број раскази, есеи и академски трудови. Нејзини книги се преведени и објавени во Италија, САД, Аргентина и Косово. Нејзини песни се преведени на повеќе од 15 светски јазици и објавени во меѓународни книжевни ревии и антологии. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија против злоупотреба на деца. Ја уредила светската поетска антологија „Blurred and political: border poetry“ во Канада.
Превела од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик на македонски јазик стотици писатели и поети, меѓу кои Пазолини и Сарамаго.
Настапувала на многу меѓународни поетски фестивали, меѓу кои фестивалот во Меделин, „Ars Poetica“ во Националната галерија во Братислава, фестивалот „Пароле спаланкате“ во Дуждовата палата во Џенова, поетскиот фестивал во Берлин во Академијата за уметност, фестивалот „Sha‘ar Helicon“ во театарот „Јафа“ во Тел Авив. Соработувала со Францускиот институт во Скопје организирајќи поетска вечер посветена на франкофонската поезија за егзил „Les rivages de l’exil“, и со Амбасадата на Италија во Скопје организирајќи ја поетско-музичката вечер „Il vino è la poesia della terra“. Ја добила наградата „Don Luigi de Liegro“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик. Во своето слободно време се занимава со керамика, сликарство, фотографија, јога, танцува танго, патува и сонува.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам