×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Рита ел Кајат


Рита Ел Кајат е современа мароканска писателка и активистка, психијатар и антрополог. Родена е во 1944 година, во Рабат. Студирала медицина во родниот град и психијатрија во Казабланка, а специјализирала медицина на трудот на Универзитетот во Бордо. Своите специјалистички студии по психијатрија и аеронаутичка медицина ги завршила во Париз. Посетувала студии и по етнопсихијатрија и по класичен арапски јазик.

Во текот на студирањето била водителка на радио и телевизија, а подоцна работела како новинарка, предавала антропологија на Универзитетот во Милано, како и на Катедрата за женски студии на Универзитетот за француски јазик во Квебек, Канада. Била член на Советот на директори на Меѓународниот филмски фестивал во Маракеш, членка на Африканската мрежа за развој и комуникација на жените (FEMNET), а од 2007 година и водителка на мароканската национална радиопрограма позната како „Книга, пријател“. Во 1999 година го основала Здружението „Аини Бенаи“ за култура, за популаризација на мароканската култура во останатите земји на Магреб, кое во 2000 година станува издавачка куќа. Авторка е на над 350 написи и на 36 романи и новели, на арапски и на француски јазик, како што се „Жената во арапскиот свет“, „Магреб за жените“, „Раскошниот Мароко на жените“ итн. Во нив пишува за местоположбата на жената во Магреб, и воопшто во арапскиот и исламскиот свет. „Врска“ е еден од нејзините најпопуларни романи, повеќеслојна приказна која влезе на голема врата во историјата на арапската литература. Опишувајќи ја врската меѓу еден маж и една жена, Рита ел Кајат како во никоја друга своја книга целосно се внела како психијатар и како психоаналитичар. „Врска“ не е само исповед на една жена за нејзините падови и подеми во врската со мажот, на нејзините осцилации од љубов до омраза, туку и една длабока психијатриска анализа на таа врска, во која авторката се вложува со сето свое знаење, умешност и познавање на положбата на мароканската жена, залагајќи се за нејзината еманципација и за нејзините социјални права.