Виктор Франкл бил професор по психијатрија и неврологија на Виенскиот универзитет, а дваесет и пет години бил раководител на Виенската невролошка поликлиника, бил претседател на Австриското друштво на психијатри. Основач е на логотерапијата и на егзистенцијалната анализа, кои се познати како „трет виенски правец во психотерапијата“. Бил гостин професор на Харвард, Станфорд и Дукејн, како и почесен професор по логотерапија на Американскиот меѓународен универзитет во Сан Диего.
Франкл е роден во Виена, на 26 март 1905 година. На Виенскиот универзитет прво докторирал медицина, а подоцна и филозофија. За време на Втората светска војна поминал три години во Аушвиц, во Дахау и во други концентрациони логори. Во својата работа ги вградил личното искуство и смелите научни стремежи од областа на психијатриската наука од тоа време. Во текот на четири децении, одржал безброј серии предавања низ светот. Врачени му се вкупно дваесет и девет почесни докторати на универзитети во Африка, Азија, Европа, Северна и Јужна Америка. Добил многу награди, вклучително и наградата „Оскар Фистер“ на Американското здружение на психијатри и почесно членство во Австриската академија на науки.
Триесет и деветте книги на Франкл се досега објавени на педесет јазици и станале неизбежни ориентири како во научното така и во ненаучното третирање на човековата духовност. Преводот на англиски на неговата книга Човековата потрага по смисла (…trotzdem Ja zum Leben sagen – Ein Psychologe erlebt das Konzentrationslager) е продадена во милиони примероци и е вклучена во списокот на „Десет највлијателни книги во Америка“, според истражувањето на Конгресната библиотека.
Виктор Франкл починал на 2.9.1997 година, во Виена.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам