Нина Шуловиќ-Цветковска е родена во 1966 година, во Скопје. Во 1991 година, со огромна страст и посветеност, дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје, на одделот за Електроенергетика, бранејќи го трудот „Електрогеометриска метода за анализа на степенот на заштита од директни удари на молња“. Животот не ѝ дал прилика да работи во таа професија ниту еден работен ден. Постдипломски студии завршила на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во 2008 година.
Кариерата ја градела работејќи најразлични работи во различни организации. Посебно место во нејзиното срце има проектот „Пријателски библиотеки за сите граѓани“, којшто го водела во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, под мотото „Цел универзум знаење“, од 2004 до 2009 година. Горда е што им помогнала на радовишката, кавадаречката и струмичката библиотека, што библиотеката во с. Јегуновце се изградила и ставила во функција под нејзино водство и што сите тие се сѐ уште меѓу најживите и најубавите во Македонија.
Денес сѐ уште работи на програми и проекти поврзани со демократизацијата и доброто владеење.
„Цел универзум знаење“ е нејзино лично мото. Во тинејџерските години, татко ѝ ѝ рекол: „Во животот, можеш целата енергија и време да ги насочиш кон една област и тогаш би била врвен експерт во таа област. Или можеш да знаеш многу работи доволно добро за да можеш да ги комбинираш и обединуваш. Тогаш ќе бидеш универзална, но никогаш нема да бидеш врвен експерт за нешто. Ти што би сакала?“ Без размислување, Нина одговорила: „Универзална“.
Во младоста горела од желба да го менува светот и мислела дека е паметно секоја идеја да ја проследи со чад од цигара. Потоа ги оставила цигарите. Љубопитноста и желбата да го менува светот останале.
Дел од тоа која е Нина е содржано во расказите собрани во оваа книга. Ако ве интересира, читајте ги и внимавајте што посакувате, можеби и ќе ви се оствари.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам