Бернардо Стаматеас (13.1.1965, Буенос Аирес) е современ аргентински автор, психолог и говорник познат со својата работа во клиничката психологија, семејната терапија и емоционалната самопомош.
Поривот да им помага на луѓето го одредил неговиот животен и професионален пат. Студирал психологија и теологија, специјализирал клиничка сексологија, а подоцна станал и пастор на баптистичката црква Министерство за Бога, која се наоѓа во населбата Кабалито во Буенос Аирес.
Има објавено дваесетина книги за самопомош, духовност и надминување на животните проблеми, преведени на повеќе јазици. Најпознат е токму со Токсични луѓе (2010), како и со Токсични емоции (2009), Повеќе токсични луѓе (2014), во која го продолжува списокот на различни токсични профили што не се опфатени во неговата претходна книга, Емоционални рани (2012), водич за преобразување на болното минато во вредно искуство за сегашноста, Сакам промена (2014), во која дава едноставни упатства за сопствена животна промена. Не помалку популарни се и неговите книги Финансиско здравје (2002), Извонредни резултати (2007), Опиен од вера (2010), Токсични страсти (2011), Успешни неуспеси (2011), Да се сакам себеси повеќе (2011), Немој да ме малтретираш (2013), Можам да се надминам себеси (2014), Ментални јазли (2016), Твојата внатрешна сила (2017), Емоционален мир (2017), Практични решенија (2018), Болка што зајакнува (2019) и Успешно лидерство (2021).
Држи предавања и води семинари во повеќе земји. Активен е на социјалните медиуми, првенствено на Твитер и Инстаграм (@Berstamateas), на кои споделува содржини и теми што ги обработува во своите книги.
Бернардо Стаматеас ќе остане запаметен со популаризацијата на терминот „токсични луѓе“, кој речиси и не се користел пред неговиот бестселер, а се однесува на поединци кои нè прават полоши како луѓе со своето негативно влијание врз нашите животи.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам