×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.





Метју Вокер


Метју Вокер е современ британски автор, научник и професор по невронаука и психологија на Калифорнискиот универзитет во Беркли. Неговата научноистражувачка работа е посветена на влијанието што спиењето го има врз здравјето на луѓето.

Роден е во 1972 година, во Ливерпул. Дипломирал невронаука на Универзитетот во Нотингем, во 1996 година, а докторирал неврофизиологија на Универзитетот „Њукасл“ во 1999 година, каде што неговото истражување било финансирано од Одделението за неврохемиска патологија на Советот за медицински истражувања (MRC).

Од 2004 до 2007 година предавал психијатрија на Харвардската медицинска школа, каде што спровел неколку експерименти за влијанието на спиењето врз постигнувањата на студентите. Од 2007 година работи како професор по невронаука и психологија на Калифорнискиот универзитет во Беркли. Тој е основач и директор на Центарот за наука за човечкото спиење, кој се наоѓа во Одделот за психологија во УК Беркли, во соработка со Институтот за невронаука „Хелен Вилс“ и Центарот за скенирање на мозокот „Хенри Х. Вилер Џуниор“. Центарот користи методи за снимање на мозокот (МРИ, ПЕТ-скенирање), снимки со електроенцефалографија со висока густина, геномика, протеомика, автономна физиологија, стимулација на мозокот и когнитивно тестирање за да ја истражи улогата на спиењето врз човековото здравје и врз појавата на болести. Во контекст на спиењето д-р Вокер ги истражува Алцхајмеровата болест, Паркинсоновата болест, ракот, депресијата, анксиозноста, несоницата, кардиоваскуларните болести, злоупотребата на дрога, дебелината и дијабетесот.

Има објавено над сто научни студии и гостувал во повеќе ТВ-емисии. „Зошто спиеме“ е негова прва книга.