×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Големите пространства

Големите пространства

Катрин Мерис


Издавач: ТРИ
Јазик: Македонски
Број на страни: 96
Година на издавање: 2024
Повез: Тврд повез
Димензија: 20.5 x 29
Автор: Катрин Мерис
ISBN: 9786082309897
Жанр: Стрип литература
Провери достапност во продавниците
Достапност во продавниците
Книжарница ТРИ Ист Гејт Достапно
Книжарница ТРИ Веро Центар Достапно
Книжарница ТРИ ГТЦ Достапно
Книжарница ТРИ Дебар Маало Достапно
790 ден.

„Девојчиња, в село ќе бидете посреќни“, рекле родителите. Значи, Катрин Мерис го минала детството во природа. Првата глетка на која се сеќава е градилиште: стара куќа што треба да се реновира, дрвја што треба да се посадат, градина што допрва треба да се направи. Мечти што треба да се негуваат. Работат, калемат, садат една роза што потекнува откај Монтењ и една смоква откај Рабле. Ја набљудуваат раздвиженоста на светот – промените во земјоделството, нарушувањето на спокојниот селски начин на живот...

Со својот познат хумор, Катрин Мерис создава забавна ода посветена на селото, каде што се зачнала нејзината идна професија на цртач. Големите пространства, како и нејзиниот претходен стрип Леснина, го потврдуваат тоа: природата и уметноста – сѐ што расте, сѐ што живее, покрај и наспроти сѐ – се вистинска среќа за секого.

Придружи ни се на прошетка низ француската култура и низ живописните предели на рурална Франција. Уметницата и авторка Катрин Мерис со нејзините цртежи и зборови отвора портал до тивките големи пространства на кои сè повеќе им се заканува опасноста да бидат проголтани од цивилизацијата. 

Наменета за возрасни, но исто толку и за децата, за кои раскажува, оваа графичка новела ненаметливо ја разгорува желбата за преселба на село и нѐ потсетува на детствата поминати во пазувите на природата.

Прекрасен потсетник дека уметноста и природата – сѐ што расте, сѐ што живее наспроти сите препреки, секогаш ни нудат шанса за нов почеток.

Катрин Мерис

Катрин Мерис

Катрин Мерис е француска авторка на стрипови и графички новели, илустраторка и аниматорка. Родена е на 8 февруари 1980 година, во Ниор, и уште од дете била заинтересирана за цртање. На Универзитетот во Поатје дипломирала француска филологија и модерни јазици. Со диплома за илустрирање се стекнала на Националната висока школа за декоративни уметности во Париз и на Високата школа за индустриски дизајн на Естиен. На 15 јуни 2020 година е примена во Академијата за убави уметности, како прв стрип-уметник кој станал нејзин член.

На седумнаесетгодишна возраст ја добила првата награда на Националниот натпревар за стрипови организиран од Фестивалот „Ангулем“. Тој момент бил пресуден за изборот на нејзината идна професија. Во 2005 година била наградена за своето дело „Козерија за Делакроа“ – адаптација на книгата на Александар Дима со која му оддал постхумна почит на уметникот Ежен Делакроа.

Прво објавено нејзино дело е графичката новела „Моите луѓе од букви“, во 2008 година, посветено на француските книжевни ликови. Во 2010 година следувале „Живејте добро или умрете“ и „Мостот на уметниците“ во 2012 година. Во меѓувреме илустрирала за неколку списанија, а од 2005 до 2015 година работела за сатиричното списание „Шарли Едбо“, во чиј тим била единствената жена уметник. Била дел и од книгите што се објавени колективно од списанието со наслови „Моцарт е убиен“, „Смрзнати бебиња, згмечени кучиња“ и „Тетратката од распустот на Шарли Едбо“. Во 2015 г., за време на терористичкиот напад во кој биле убиени дванаесет лица во канцелариите на „Шарли Едбо“, таа задоцнила на работа и тоа ја спасило. Од ова трауматично искуство и од стресот што го доживеала се родила нова графичка новела во која ги канализирала своите мисли – „Леснотија“, книга со која влегла во финалето на Фестивалот „Ангулем“ во 2017 година. Во 2020 и 2023 година исто така била номинирана за Гран при на истиот фестивал.

Во 2018 година ја објавила „Големите пространства“, чие дејство е сместено во природниот пејзаж на рурална Франција. Во 2019 година поминала неколку месеци на уметничка резиденција во Кјото, каде што продолжила да работи на една нова перспектива инспирирана од јапонските пејзажи. Нејзиното дело од тој период, „Девојката и морето“, е поттикнато од опустошувачките последици на тајфунот „Хагиби“.

Катрин Мерис илустрира и книги за деца за издавачите „Галимар“, „Бајар“, „Натан“, „Сарбакан“ и „Албен Мишел“.

Види повеќе