Катрин Мерис е француска авторка на стрипови и графички новели, илустраторка и аниматорка. Родена е на 8 февруари 1980 година, во Ниор, и уште од дете била заинтересирана за цртање. На Универзитетот во Поатје дипломирала француска филологија и модерни јазици. Со диплома за илустрирање се стекнала на Националната висока школа за декоративни уметности во Париз и на Високата школа за индустриски дизајн на Естиен. На 15 јуни 2020 година е примена во Академијата за убави уметности, како прв стрип-уметник кој станал нејзин член.
На седумнаесетгодишна возраст ја добила првата награда на Националниот натпревар за стрипови организиран од Фестивалот „Ангулем“. Тој момент бил пресуден за изборот на нејзината идна професија. Во 2005 година била наградена за своето дело „Козерија за Делакроа“ – адаптација на книгата на Александар Дима со која му оддал постхумна почит на уметникот Ежен Делакроа.
Прво објавено нејзино дело е графичката новела „Моите луѓе од букви“, во 2008 година, посветено на француските книжевни ликови. Во 2010 година следувале „Живејте добро или умрете“ и „Мостот на уметниците“ во 2012 година. Во меѓувреме илустрирала за неколку списанија, а од 2005 до 2015 година работела за сатиричното списание „Шарли Едбо“, во чиј тим била единствената жена уметник. Била дел и од книгите што се објавени колективно од списанието со наслови „Моцарт е убиен“, „Смрзнати бебиња, згмечени кучиња“ и „Тетратката од распустот на Шарли Едбо“. Во 2015 г., за време на терористичкиот напад во кој биле убиени дванаесет лица во канцелариите на „Шарли Едбо“, таа задоцнила на работа и тоа ја спасило. Од ова трауматично искуство и од стресот што го доживеала се родила нова графичка новела во која ги канализирала своите мисли – „Леснотија“, книга со која влегла во финалето на Фестивалот „Ангулем“ во 2017 година. Во 2020 и 2023 година исто така била номинирана за Гран при на истиот фестивал.
Во 2018 година ја објавила „Големите пространства“, чие дејство е сместено во природниот пејзаж на рурална Франција. Во 2019 година поминала неколку месеци на уметничка резиденција во Кјото, каде што продолжила да работи на една нова перспектива инспирирана од јапонските пејзажи. Нејзиното дело од тој период, „Девојката и морето“, е поттикнато од опустошувачките последици на тајфунот „Хагиби“.
Катрин Мерис илустрира и книги за деца за издавачите „Галимар“, „Бајар“, „Натан“, „Сарбакан“ и „Албен Мишел“.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам