| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
„Во големата и празна пустина која ја мапира стрип-сцената во нашата земја, графичката новела „Тивка војна“ на Методија Стојановски е оазично откровение, изобилувајќи со сочни, хранливи плодови и питки, бистри и слатки нектари, задоволувајќи ги високите вкусови на Уметноста. Длабоката и филозофска приказна, раскажана во метафорична форма, преку умешноста на нејзиното преносно значење нѐ поврзува со главниот карактер, во кој ќе го пронајдеме алтер егото на самиот автор, но и на секој од нас лично. Приказната ќе не соочи со нашите длабоки стравови, дилеми, сомнежи, слабости и навики, кои се причина за нашите постапки и кои, пак, нѐ заробуваат во темните, р’ѓосани зандани на нивните последици. Главниот карактер во стрипот ја води таа интровертна војна за себе, а преку тоа и за нас, користејќи се себеси како аватар на нашето сопствено Јас.
Визуелната реализација во стрипот изобилува со исклучителна умешност, сочинета со питомата и мајсторски извезена линија на Методија, оплеменета со тонските градации, точно доловувајќи ни ја атмосферата во која треба да не втурне магијата на нарацијата, трпеливо и внимателно хранејќи не залак по залак низ приказната.
Методија, третирајќи го читателот како љубопитен авантурист низ неговото волшебно патување, понекогаш ведро низ благите зраци на вешто дозираниот хумор, но и возбудливо адреналински низ најтемните одаји на стравот и ужасот, гарантира автентично и незаборавно искуство низ мистичните турбуленции на психолошката војна која ја водиме со себеси, со нашето минато, сегашност и иднина. Преку стрипот, правејќи го тоа тивко и нечујно, судирајќи се со нашата сопствена тивка војна.“
– Антонио Аранѓеловиќ, рецензент
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам