
ТОП 10 САЕМСКИ НАСЛОВИ
Саемот заврши, но препораките продолжуваат. Доколку сакаш препорака за добра книга, послушај ги читателите и избери некој (или сите!) од насловите кои беа најпопуларни на овогодишниот Саем на книгата. Меѓу нив се наоѓаат нови изданија, домашни романи, современа проза и безвременски класики.
Нурни се во провокативниот и контроверзен новитет „48 закони на моќта“. Објавена во 1998 година, книгата на Роберт Грин отворено зборува за мрачните страни на човековото однесување и неговата желба за моќ, што ја прави актуелна особено во денешно време. Возбудлива и богата со вистински историски настани и ликови, ова е книга за принципите и стратегиите што луѓето отсекогаш ги користеле за стекнување и одржување на власта во различни контексти, од политика и бизнис до личните односи.

Од домашната современа проза читателите го издвојуваат „Тони“ – првиот роман на авторката Румена Бужаровска. Брутално комичен, длабоко трагичен, неговата популарност на овој Саем е уште една потврда дека се чита во еден здив. Бидете подготвени за шок и преиспитување на општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие.

Доколку сте во потрага по книга која ќе ве заинтригира, посегнете по новото издание на ТРИ кое стана едно од најпопуларните веднаш по објавувањето – „Наспроти мојата животна филозофија“, лични искуства на Патриша Марш-Стефановска со натприродното и нејзина потрага по објаснувања. Освен што нуди поглед во нешто многу поголемо и подлабоко од нашата секојдневна реалност, оваа книга ни открива и многу нови работи за животот на нашиот Горан Стефановски.

Остра и истовремено топла, приказната за Кеико во јапонскиот роман „Продавачката“ од Сајака Мурата, ќе ве привлече со брилијатното раскажување за чувството на невклопување и неразбраност. Ако се пронаоѓате токму во овие зборови, тогаш изберете ја оваа книга, која ќе ве поттикне да ги тргнете маските и да се изборите да бидете тоа што сте.

Топ-листата со најчитани саемски наслови не може да помине без Достоевски. А овој пат станува збор за неговиот „Коцкар“ – еден од најуспешните психолошки портрети во светската книжевност. Иако идејата за романот наводно созревала цели три години, Достоевски ја издиктирал речиси во еден здив, за само 27 дена. Секогаш е време за еден од најдобрите романи во светската класика, кој никогаш не изгубил од својата актуелност.

Нема да згрешите и доколку се одлучите за најновиот роман на Елиф Шафак –„На небото има реки“. Роман кој повикува да им се оддаде почест на елементарните сили кои ни ги обликуваат сеќавањата, историите, нашиот свет. Накратко – ремек-дело, вели Рут Озеки. Послушајте ја авторката и следете ја капката вода која го поврзува светот низ времето и просторот.

Читањето книги го намалува стресот, но читањето за стресот ќе ве насочи кон вистинскиот пат за посмирен и благороден живот. Врз основа на научните истражувања и своето повеќедецениско искуство, признатиот психотерапевт Габор Мате дава одговори на многу важни прашања за ефектот на телоумот врз здравјето и улогата што стресот и индивидуалната емоционална структура ја имаат во многу болести. „Кога телото вели не“ изобилува со животни приказни на многу пациенти. Таа е откровение што придонесува за трансформативни сознанија за тоа дека болеста е начин на кој телото му кажува „не“ на она што умот не може да го признае.

Преведена на над 60 јазици и објавена во милионски тиражи, сатиричната антиутопија „Животинска фарма“ веќе е ненадминлив текст кој има потреба од вечно цитирање. Доколку се чувствувате револуционерно – време е за оваа беспоштедна и просветлувачка басна на нашата ера.

Саемските читатели ги започнаа своите препораки со Роберт Грин, а ние привршуваме со препораки од Роберт Грин. Послушајте ја препораката од авторот кој направи бум со својата филозофија на моќта и влезете во „Дневникот на еден извршен директор“ од Стивен Бартлет кој, според Грин, ги надминува несовладливите пречки за мегауспешен многукратен претприемач. Остварете го вашиот потенцијал преку 33 лекции за успехот.

Како функционираме ние, но и светот или универзумот? Навлезете во медитативните размислувања на Марко Аурелиј, кој охрабрува кон водење едноставен живот проникнат со скромност, љубов кон луѓето и моралност, создавајќи едно од најголемите филозофски дела на сите времиња. „Медитации“ е книга на која ѝ се восхитуваат и од која се инспирираат државници, мислители и читатели низ целиот свет, ризница на мудрости кои ја откриваат смислата на животот.
