Бријана Вист (11.10.1992) е американска авторка, есеистка и поетеса. Препознатлива е по тоа што со своите книги, есеи и статии за свесноста, духовноста и емоционалната интелигенција им помага на луѓето да пребродат многу животни предизвици.
Студирала на Елизабетанскиот колеџ, на кој дипломирала една година пред своите врсници. Напоредно со студирањето била и асистент на Одделот за маркетинг и комуникација, каде што научила како да ги применува маркетинг-техниките при пишувањето статии.
Никогаш не се одвојува од својот бележник, зашто верува дека „идеите прераснуваат во дела“. „Сè започнува со мисла“ е нејзиното мото. Така ги напишала и своите книги „Сто и една лекција што ќе ви го променат начинот на размислување“, „Вистината за сè“, „Планината си ти“,„Начинот на кој заздравуваме“, како и поетската книга „Солена вода“.
Вист во своите статии најчесто зборува за емоционалната интелигенција, идентификувањето на сопствените чувства и справувањето со нив. Една од нејзините најпопуларни објави, „20 знаци дека ти оди подобро отколку што мислиш“, била споделена на социјалните медиуми повеќе од 8 милони пати. Редовно пишува статии и есеи за „Хафингтон пост“ (Huffington Post), „Тин вог“ (Teen vogue), „Алур“ (Allure). Работела и како уредник на „Тот каталог“ (Thought Catalog) – списание кое достигнало до 70 милиони онлајн читатели. Работи како писател и уредник на „Фајн ливинг Ланчестер“. Има свој сајт, „Анатомија на душата“ (Soul Anatomy), со неколку милиони читатели, на кој спојувајќи ги западната психологија и источната филозофија, доаѓа до значајни одговори за многу секојдневни предизвици.
„Планината си ти“, во која опсежно ја обработува темата на самосаботирањето, ѝ носи светска слава. Нејзините книги се преведени на повеќе од 20 јазици и се продадени во над 1 милион примероци.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам