×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Странецот

Странецот

Албер Ками


Издавач: ТРИ
Автор: Албер Ками
ISBN: 9786082309019
Жанр: Библиотека Безвременски
Провери достапност во продавниците
Достапност во продавниците
Книжарница ТРИ Подвижна Достапно
Книжарница ТРИ Веро Центар Достапно
Книжарница ТРИ Дебар Маало Достапно
Книжарница ТРИ ГТЦ Достапно
Книжарница ТРИ Ист Гејт Достапно
250 ден.

Човекот е единственото суштество кое одбива да биде она што е.

Едно утро Мерсо добива телеграма со известување за смртта на мајка си. Не само што таа вест ја прима ладнокрвно, туку утредента заминува на плажа со Марија, девојка кон која не чувствува ништо посебно. Без да се насети некаква емоција во неговиот карактер, Мерсо најпосле, без премислување, заслепен од летната жештина, убива човек.

Судењето за убиство на Мерсо се претвора во обвинување на неговата рамнодушност. Романот станува филозофска разрешница која ја расветлува апсурдната егзистенција на модерниот човек – борбата на поединецот против наметнатите морални норми.

Зошто Мерсо е туѓинец и дали вреди потрагата која ја води по суштината? Одговорот е во мајсторството на Албер Ками, кој преку психолошкото соголување на неговиот лик, создава ремек-дело на светската книжевност и еден од најзначајните романи на 20 век.

„За искреноста со која ги посочува проблемите со кои е обременета совеста на нашето време.“

Нобеловиот комитет при врачување на наградата на Албер Ками

Албер Ками

Албер Ками

Албер Ками (1913 – 1960) е француски филозоф, писател, драматург и новинар. На 44-годишна возраст, во 1957 година, се закитил со Нобеловата награда за литература, со што станал втор најмлад нобеловец во светот, по Радјар Киплинг. Најпознати дела му се: „Странецот“, „Митот за Сизиф“, „Паѓање“ и „Побунетиот човек“, кои се темелат врз идејата за апсурдноста на човековото постоење.

Ками е роден во сиромашно земјоделско семејство, во Француски Алжир. Татко му загинал во Првата светска војна, па мајка му, Шпанка, работела тешка физичка работа за да го издржува семејството, поради што Ками бил многу приврзан кон неа. Уште како млад и самиот заработувал – работел како трговски патник, чиновник во бродска агенција и префектура. На 17 години му била откриена туберкулоза и за да не го зарази својот брат, отишол да живее кај вујко си Густав, кој бил месар. Овие нешта оставиле неизбришлива трага врз него и влијаеле врз неговото оформување како личност, а подоцна и како филозоф. Студирајќи бил воодушевен од античката филозофија, а Ниче и Шопенхауер му го отвориле патот кон песимизмот и атеизмот. Дипломирал со темата „Плотин, неоплатонизмот и христијанската мисла“, но болеста го спречила да го положи професорскиот испит и да стане универзитетски професор. Иако не бил марксист, ѝ се придружил на Француската комунистичка партија. Ова искуство придонело целосно да се разниша неговата верба во човечкото достоинство. Тогаш раководел со аматерската театарска група „Екипа“ како драматург, преведувач и артист. Од четирите театарски пиеси се одвојува „Недоразбирање“, што многумина ја сметаат за драмско ремек-дело на Ками. При изведбата на „Браќа Карамазови“ самиот го глумел ликот на Иван Карамазов. И во драмските текстови ликовите се наоѓаат во безизлезни состојби и мрачна атмосфера. Апсурдните ситуации Ками ги опишува како резултат на човековиот копнеж по значење на овој свет, кое, всушност, и го нема.

Во тоа време соработувал со левичарските весници, па поради смелите и бунтовни статии бил принуден да го напушти Алжир. Заминал за Париз, каде што имал активна улога во Движењето на отпорот; се спријателил со Жан Пол Сартар и станал дел од интелектуалниот круг во кој влегувале Симон де Бовоар, Андре Бретон и др. Почнал да работи како новинар и уредник во забранетиот весник „Комбат“ („Борба“). Во тоа време  ги напишал четирите „Писма до еден германски пријател“, во кои ја објаснува неопходноста од отпор против фашистичката окупација. Од „Комбат“ преминал во издавачката куќа „Галимар“, во која останал до крајот на животот.

Во 1951 го издава „Побунетиот човек“, филозофска расправа во која го крева својот глас против тоталитарниот комунизам. Во 1956 година ја објавува етичката расправа „Паѓање“, што ги тематизира постоењето и состојбата на човекот. Тука е запишана една од неговите најпрочуени реченици: „Колку повеќе се обвинувам себеси, толку имам поголемо право да ве судам вас“.

Во животот се женел двапати, но бил познат по љубовните врски. Првата жена била зависничка од наркотици, која се надевал дека може да ја спаси. Со втората сопруга имал близнаци. Загинал во сообраќајна несреќа, заедно со францускиот издавач Мишел Галимар, кој се здобил со смртни повреди и починал по неколку дена. Во џебот му била пронајдена карта за воз и не е јасно зошто сепак се одлучил да замине со автомобил со својот пријател.

Ками го посветил животот на барање решение за болката на светот, кој, за жал, оди кон целосна дехуманизација. Неговото дело е една комплексна слика на времето и духот, на беспомошноста на човекот и товарот на неговата совест.

Види повеќе