Достапност во продавниците | |
---|---|
Книжарница ТРИ Подвижна | Достапно |
Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Книжарница ТРИ Ист Гејт | Достапно |
Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
Секој војник останува жив благодарејќи на илјадници случајности.
И секој војник верува и му се препушта на случајот. Од школската клупа директно на бојното поле. Паул Бојмер на почетокот на Првата светска војна е регрутиран заедно со своите врсници во германската војска. Млади и полни со идеализам, тие стануваат силни војници. Но наспрема поривот што го тера да војува, Паул води уште една битка во себе – онаа против омразата што бесмислено ги тера луѓето да се борат во различни униформи, едни против други.
На запад ништо ново е најпопуларниот и најпреведуван воен роман на сите времиња. Не можеле да го замолчат ниту прогонството на Ремарк од татковината ниту горењето на неговите книги. Бил и останува сведок на разорните последици што војувањето ги носи врз личната и колективната болка и судбина.
Оваа книга е жестока осуда на ужасите на војната. Обид да престанат или барем да се ублажат нејзините трауми, повик да не се повтори никогаш. Надежна приказна што зрачи со љубов и грижа за човештвото.
Ерих Марија Ремарк (22 јуни 1898 – 25 септември 1970) е псевдоним на германскиот писател Ерих Паул Ремарк, еден од највлијателните германски писатели познат по полемизирањето на последиците и траумите што војната ги остава врз луѓето.
Роден е во Оснабрик, во работничко семејство. На 18 години заминал на Западниот фронт во Првата светска војна, каде што набргу бил ранет од граната на левата нога, десната рака и вратот. Брзо бил евакуиран и, поради неможноста да се бори, бил исклучен од војската.
По војната го сменил своето презиме од Remark во Remarque, пред сè за да се дистанцира од својата прва објавена книга „Соба од соновите“. Во 1919 година работел како учител, но се разочарал во професијата и потоа сменил повеќе работни места. Бил библиотекар, трговец, продавач на надгробни споменици, новинар... Впечатоците од тој животен период влегле во основата на неговиот роман „Црниот обелиск“ (објавен во 1956 година).
Во 1929 го објавил својот најпознат роман – „На запад ништо ново“, додавајќи го своето средно име Марија во знак на сеќавање на мајка си Ана Марија, која починала во 1917 година. Во него зборува за суровоста на војната видена низ очите на еден деветнаесетгодишен војник. Романот веднаш станал светска сензација и бил преведен на 26 јазици. За една година бил продаден во половина милион примероци, а Луис Мајлстоун според него снимил филм во 1930 година.
И другите негови книги, како „Тројца војни другари“ и „Сакај го ближниот свој“, се занимаваат со жртвите и траумите од војната. „Триумфална капија“ веднаш по објавувањето станал бестселер, достигнувајќи светска продажба од 5 милиони примероци. „Сенки во рајот“ е неговиот последен роман. „Искра на животот“ (1952) го посветил на својата сестра, која била вклучена во отпорот против нацистите и во 1943 година била уапсена и погубена. Ремарк дознал за нејзината судбина дури по завршувањето на војната. Посветата во книгата била исфрлена од германското издание на книгата, затоа што некои Германци уште го сметале за предавник. Имено, на 10 мај 1933 година нацистичкиот режим, по иницијатива на министерот за пропаганда Јозеф Гебелс, јавно ги прогласил делата на Ремарк за антигермански и сите негови книги биле забранети и горени. Освен тоа, била покрената и пропаганда со тврдење дека Ремарк води потекло од француските Евреи и дека презимето Ремарк, читано наназад, всушност, значи крамер. Во 1938 година му било одземено и германското државјанство.
Во 1933 со својата прва сопруга побегнале во Швајцарија, а во 1939 емигрирале во САД, чие државјанство го добиле во 1947 година.
Починал на 72 години, во Швајцарија.
Во негова чест, родниот град Оснабрик во 1991 година ја покренал меѓународната награда за мир „Ерих Марија Ремарк“.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам