| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Луѓето кои мечтаат будни знаат многу нешта што им се измолкнуваат на оние кои сонуваат само ноќе.
Едгар Алан По е еден од првите американски раскажувачи кој се смета за творец на детективската и криминалистичката проза, а му се припишува и заслугата за појавата на научната фантастика. Меѓутоа најпознат е по неговите мрачни приказни што ги истражуваат мистериозните длабочини на човековата психа. Смртта, лудилото, натприродното, со сложени заплети и живописни слики на страв и ужас, заслужено му го носат епитетот „принц на темнината“.
Во оваа книга се вклучени некои од најпознатите раскази на По, почнувајќи од „Маската на црвената смрт“, „Елеонора“, „Падот на куќата Ашерови“..., сè до „Убиствата на улицата Морг“. Таа е безвременска класика задолжителна за сечија библиотека.
Без предрасуди, без сомнеж во своите светови, По успеал да ги издигне своите раскази на ниво на ремек-дела. Вистински бисери во светската книжевност.
Едгар Алан По е американски писател на кратки раскази, поет, критичар и уредник, еден од главните претставници на американскиот романтизам. Се смета за предвесник на симболизмот и за творец на детективската и криминалистичката проза, а значаен е и за појавата и развојот на научната фантастика. Неговите песни, кратки раскази и романот „Авантурите на Артур Гордон Пим“ и денес уживаат неподелена популарност, а песната „Гавранот“ се вбројува меѓу најпознатите дела во светската книжевност. Роден е на 19 јануари 1809 година, во Бостон, во скромен дом на патувачки актери. Татко му ги напуштил кога тој имал две и пол години, а по некое време починала мајка му од туберкулоза, во крајна сиромаштија. За време на последните болежливи денови на мајка му бил згрижен од господин и госпоѓа Ашер, презиме кое е централно во една од неговите најпознати приказни. Подоцна отишол да живее кај Џон Алан По, трговец на чии деловни документи ги пишувал своите први стихови, но кој никогаш официјално не го посвоил. Како американско дете во Англија, По не бил сосема прифатен од соучениците, но сепак добро напредувал. Во 1826 г. започнал со студии на Универзитетот во Вирџинија. За разлика од другите факултети, овој бил ослободен од религиските верувања, што се одразило врз неговиот атеизам. Учел антички и модерни јазици, често ги следел предавањата по грчки, латински, шпански и италијански јазик. Многу од приказните и песните се одраз од неговото лично искуство во тоа време. Водел живот исполнет со крајности, што му се одразило и врз животот и врз творештвото. Англиското потекло на мајка му, шкотското потекло на згрижувачкото семејство, европските професори на универзитетот му ја поттикнале космополитската перспектива. Почнал да пишува уште додека студирал. На 18 години ја објавил својата прва книга „Тамерлан и други песни“ („Tamerlane, and Other Poems“) потпишана со псевдонимот „Бостонец“. Во октомври 1833 година со својот краток расказ „Порака најдена во шише“ ја освоил наградата од 50 долари на конкурсот на „Саботен посетител“ (Saturday Visitor). Таа победа го спасила од големата сиромаштија, го поттикнала да пишува и му обезбедила позиција на помошник-уредник во списанието, кое го прославил со својата работа и чиј тираж се зголемил од 700 на 3.500 примероци. Во него По објавил неколку свои песни, литературни критики и раскази. Несреќите во љубовта исто така влијаеле врз неговото нежно здравје. Особен белег врз него оставила Вирџинија Клем, со која се оженил на 27-годишна возраст, додека таа имала неполни 14 години. Бракот бил среќен сѐ додека Вирџинија не се разболела од туберкулоза. Починала на 24 години, по што По бил скршен и не можел ништо да пишува, а критичарите му предвиделе брза смрт. Во меѓувреме држел предавања на кои ја сретнал својата нова муза, Ненси Ричмонд, на која ѝ ја посветил песната „За Ени“. Починал на 40-годишна возраст, од сѐ уште неразјаснети причини. Погребан е во дворот на Вестминстерската презветаријанска црква, денес дел од Универзитетот во Мериленд, Балтимор.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам