Достапност во продавниците | |
---|---|
Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Книжарница ТРИ Ист Гејт | Достапно |
Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
Херман Хесе (1877 – 1962) е германски писател, поет и сликар, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1946 година. Најпознат по своите ремек-дела „Сидарта“, „Степскиот волк“, „Демијан“ и „Играта со стаклени мониста“, по индивидуалната потрага по автентичност, себеспознавање и спиритуалност, тој остава бесценета трага во светската литература. Други негови забележителни дела се и „Под тркалото“ (1906), „Росхалде“ (1914), „Кнулп“ (1915), „Нарцис и Златоуст“ (1930), новелата „Патување кон Истокот“ (1932) и други.
Роден е во 1877 година, во покраината Виртемберг. Татко му бил балтичко-германски мисионер, а мајка му филолог и исто така мисионерка, обајцата се занимавале со издавање религиозна литература. Неговите родители долго време престојувале во Индија, а кога Херман наполнил три години се преселиле во Базел, каде што татко му работел како предавач во Мисионерскиот институт до 1886 година, по што повторно се преселиле во Германија. Како дете бил исклучително интелигентен и пргав, но кога тргнал во училиште покажувал знаци на депресија и осаменост. Во 1890 г. одел во латинското подготвително училиште во Гетинген, а следната година го запишале во Протестанската богословија во Малуброн. Но по неколку нереди, со кои го покажал својот бунтовен карактер, бил избркан оттаму. Поради тоа влегол во конфликт со своето семејство, па во мај 1891 г. се обидел да се самоубие, по што престојувал во три ментални институции.
Врз градењето на неговиот карактер влијаеле повеќе фактори – растењето во Швабија, културен, историски и лингвистички регион во југозападна Германија во времето на пиетизмот, љубовта на мајка му кон поезијата и музиката, наравот на татко му кој Хесе го опишува како дистанциран странец и осамен гостин, влијанието од француското и швајцарско културно потекло на баба му, како и влијанието од дедо му, кој бил доктор по филозофија, зборувал повеќе јазици и го охрабрувал да чита.
Во 1895 г. започнал да работи во книжарница во Тибиген. Во тоа време се посветил на теологијата, филозофијата и правото. Ги проучувал ракописите на Гете, Лесинг, Шилер и грчката митологија. Почнал да ја истражува и филозофијата на Ниче. Во периодот кога се осамостоил финансиски од родителите, се концентрирал на романтичарите. Така, во 1897 година објавил мала збирка поезија, „Романтичи песни“, за која добил пофално писмо од Хелен Војт. Таа подоцна се омажила за младиот издавач Дидерих кој, за да ја усреќи, се согласил да ја издаде и „Еден час по полноќ“ на Хесе. Двете книги доживеале неуспех, што го довеле до психички крах. Но откако Семјуел Фишер (основач на издавачката куќа С. Фишер Верлаг) се заинтересирал за неговите ракописи и почнал да ги издава, Хесе веќе можел да се издржува како писател. „Петер Каменцинд“ од 1903 г. Фројд ја означил дури и како една од своите омилени книги.
Од крајот на 1899 работел во истакната антикварница во Базел. Уметнички се развивал и продолжил да се самообразува. Во 1914 г., со избувнувањето на Првата светска војна, се пријавил како доброволец, но бил одбиен поради кусогледост и бил пратен во логор со воени заробеници, каде што од прва рака се запознал со ужасите на војната и станал пацифист. Јавно истапувал и пишувал против патриотската военоподбуцнувачка книжевност, поради што бил наречен предавник на татковината и неговите дела не биле објавувани во германските списанија. Со помош на Б. Брехт и Т. Ман успеал да се спаси од нацистичкиот режим и да се пресели во Швајцарија. Таму и починал во 1962 година, на 85 години, во гратчето Монтањола.
Освен Нобеловата награда за книжевност во 1946 г., Хесе ги добил и наградите „Готфрид Келер“ (1936), „Гете“ од градот Франкфурт на Мајна (1946), како и Наградата за мир на Германското здружение на издавачи и книжари „Дојчер буххандел“ (1955). Во 1947 година Универзитетот во Берн му ја врачил титулата почесен доктор.
Во своите дела Херман Хесе се занимава со вечните егзистенцијални, духовни и мистични теми, под големо влијание на будистичката и хиндуистичката филозофија, како и на психоанализата. Растргнатоста меѓу сопствените ставови, меланхолијата и тегобноста на самото време се чувствуваат во сите негови книжевни остварувања. Зборувајќи за човечноста и смислата на постоењето, тие денес се можеби и поактуелни од времето кога биле напишани.
Види повеќе
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам