×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Браќата Карамазови

Браќата Карамазови

Фјодор Михајлович Достоевски


Издавач: ТРИ
Автор: Фјодор Михајлович Достоевски
ISBN: 9786082309330
Жанр: Библиотека Безвременски
Провери достапност во продавниците
Достапност во продавниците
Книжарница ТРИ Подвижна Нема на залиха
Книжарница ТРИ Веро Центар Достапно
Книжарница ТРИ ГТЦ Достапно
Книжарница ТРИ Ист Гејт Достапно
Книжарница ТРИ Дебар Маало Достапно
750 ден.

„Браќата Карамазови“, последното и најдоброто дело на Фјодор М. Достоевски, е едно од врвните достигнувања во светската литература. Според Фројд, најголемиот роман на сите времиња.

Раскошна филозофска расправа која покренува низа етички проблеми за природата на Бог, слободата на волјата, правдата и етичноста. Вистинска драма за моралните борби околу верата и сомнежот, разумот и емоциите, разбирањето и осудувањето. Проникнат со алчност и љубомора, љубов и страдање, тага и душевна благородност, овој роман е истовремено и теолошка и психолошка расправа. За Ниче, Достоевски е најдобриот психолог од кого научил многу за животот.

Романот бил објавуван во текот на 1879–1880 година во списанието „Руски весник“. Според него се снимени многу филмови и серии, поставени се многу театарски пиеси и сè уште доживува многу изданија низ целиот свет. Неговото дејство се случува во Русија, во XIX век, и сведочи за распаѓањето на едно имотно семејство составено од тројца браќа, толку различни меѓу себе што немаат речиси ништо заедничко освен нивниот неморален татко.

Полн со симболи, желба за правда и сострадание – за на крајот животот да се сведе на само еден сончев зрак. Ако го гледаш, жив си. А ако си жив, сè уште имаш можност да го откупиш животот.

„По Библијата, „Браќата Карамазови“ е веројатно највредниот трансисториски бестселер за природата на доброто и злото. Фројд, Ајнштајн, Хајдегер, папата Бенедикт Шеснаесетти мислеле пред мене – исто. Какво мајсторство е да го покажеш Божјото зрно во различна изртеност кај тројца браќа – Дмитриј, Иван и Аљоша, како и семето на злото кај нив и нивниот татко Фјодор, во различни големини? И зошто кај некого едното го надраснува другото, а кај некои второто го задушува првото? Вечни прашања и страшни филозофски стрмнини пред читателот од можеби најголемиот гениј во уметноста воопшто, книжевниот Моцарт. Бестселер што не пламнува како слама, туку топли со тивка и трајна, вечна жар.“

Венко Андоновски

Фјодор Михајлович Достоевски

Фјодор Михајлович Достоевски

Фјодор Михајлович Достоевски (1821-1881) е еден од најзначајните автори во руската и светската книжевност, втемелувач на психолошкиот роман, зачетник на егзистенцијализмот. Психолошкото проникнување во најмрачните длабочини на човечкото срце и критиката кон општествениот живот, заедно со многуте просветлувачки моменти, извршиле големо влијание за придвижување на светската литература кон нов правец. Многу теоретичари, вклучувајќи го и самиот Фројд, го сметале за зачетник на психолошката теорија и анализа.

Роден е во Москва, во богато семејство. Неговите родители го образовале уште од најмала возраст. Кога имал три години, неговата негувателка Алена Фроловна веќе му читала херојски приказни, легенди и бајки, што ја прави клучна фигура во развивање на неговата љубов кон литературата. Средното образование го стекнал во приватен пансион во Москва. По смртта на мајка му, со брат му Михаил биле пратени на Воената академија во Санкт Петербург, кога во меѓувреме починал и татко им. Воената академија никогаш не ја засакал, повеќе ѝ се посветил на книжевноста и ги запоставувал другите науки. Во овој период превел едно од најпознатите дела на Оноре де Балзак, „Евгенија Гранде“, и објавувал во списанието на брат му, „Епоха“. Но сепак успеал да ја заврши Академијата и во 1843 ја започнал воената служба како офицер.

Во 1846 година го објавил романот „Бедни луѓе“, за кој добил одлични критики. Книжевниот критичар Висарион Белински рекол дека се родил новиот Гогољ. Тоа било време кога Достоевски почнал да ги развива своите револуционерни политички ставови и да членува во кружокот на Белински, поради што неколупати бил апсен, а еднаш и помилуван од смртна казна и пратен во работнички логор во Сибир. Таму доживеал пресврт – ги прифатил традиционалните руски вредности, станал христијанин и голем противник на филозофијата на нихилизмот. Тогаш ја запознал Марија Димитриевна Исаева, вдовица на свој пријател од Сибир, со која се оженил. Нејзината смрт и смртта на брат му, во 1864 година, како и лошата финансиска состојба, го довеле до депресија. Често губел пари на коцка и се задолжувал. За да ги исплати долговите, во тој период за рекордно време ја напишал „Злосторство и казна“. Потоа и книгата „Коцкар“, за да го исполни договорот со своите издавачи.

Кога се вратил од патувањето низ Западна Европа, царот Александар II го повикал да чита извадоци од неговите дела и да ги подучува неговите двајца синови.

Последниот период од животот му бил најплоден. Тогаш ги напишал и ги објавил „Понижени и навредени“, „Записи од подземјето“, „Идиот“, „Бесови“, „Кротка“ и др. „Записи од подземјето“ се смета за прва егзистенцијалистичка книга што повлекува други ремек-дела во светската литература, како „Странецот“ од Ками или „Чекајќи го Годо“ од Бекет. Последен роман му е „Браќа Карамазови“, објавуван во продолженија во списанието „Руски весник“ во текот на 1879 и 1880 година, кој се смета за круна на неговото творештво.

Починал во 1881 година, од крвавење предизвикано од епилептичен напад. На неговото последно испраќање присуствувале околу 40.000 луѓе, почест што им била оддавана единствено на телата на руските цареви. Повеќето биле млади и студенти, кои го претвориле погребот во своевидна демонстрација против царизмот. 

Види повеќе