Достапност во продавниците | |
---|---|
Книжарница ТРИ Веро Центар | Нема на залиха |
Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
Книжарница ТРИ Ист Гејт | Нема на залиха |
Книжарница ТРИ Дебар Маало | Нема на залиха |
Драмскиот автор, писател, драматург, професор, човекот Горан Стефановски, ни е повеќе од потребен токму во вакви (не)времиња, поради неговиот отворен дијалог со разнокултурието околу нас, поради неговиот нецензуриран монолог со себе и сопственото творештво, поради неговиот луциден, јасен, интелигентен јазик, поради вонредниот ракопис што ја зацврсти позицијата на македонската модерна драматика и ѝ ја отвори вратата на постмодерната.Денес е одлично време повторно да се прочита Горан Стефановски. Овој драмски избор (Диво месо; Лет во место; Хај-фај; Дупло дно; Баханалии и Демонот од Дебар маало) и овој текст – Одблизу и отпосле, се обидува да му оддаде почит и да му даде љубов на авторот Горан Стефановски, но и да им предизвика интерес за неговите драми на новите генерации и читатели и актери и драмски автори и режисери, ученици и студенти, вљубеници во театарот.
Горан Стефановски (27.4.1952 – 27.11.2018) е еден од втемелувачите на нашата драмска книжевност и столб на македонскиот современ театар.
Роден е во Битола. Татко му Мирко бил театарски режисер, а мајка му Нада била актерка во Народниот театар, па голем дел од своето детство Горан поминал во театрите. Завршил студии по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Дипломирал во 1974 г., како најдобар студент во генерацијата. Студирал и драматургија на Факултетот за драмски уметности во Белград (1972-1973). Од 1975 до 1977 г. бил на постдипломски книжевни студии на Филолошкиот факултет во Белград. Во 1979 г. ja одбранил магистерската теза „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.
Во периодот 1974-1978 работел како драматург во Драмската редакција на ТВ Скопје (на ТВ-сценарија, уредување и адаптација на голем број драми, во продукција и постпродукција). Од 1978 до 1986 г. бил асистент по англиска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (англиска книжевност со посебен акцент на Шекспир и англиската драма). Од 1986 до 1998 г. бил редовен професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје (креативно пишување и драмски теории и модели). Во летниот семестар во 1990 г. работел на Универзитетот Браун во Провиденс, Род Ајленд, САД, со Фулбрајтова стипендија за истакнат уметник. Во периодот 1998-2000 бил гостин професор по драматургија на Драмскиот институт во Стокхолм, Шведска, а од 2000 година бил хонорарен професор по драматургија на Универзитетот во Кент и на Колеџот Крајст черч во Кентербери, Велика Британија.
Во литературата дебитирал со ТВ-играта „Клинч“ во 1974 г. Истата година се појавува и драмата „Јане Задрогаз“. По неа следувале радиодрамата „Чиракот Шекспир“ во 1975, ТВ-драмата „Сослушувањето на железничарот“ во 1976, ТВ-филмот „Томе од бензинската пумпа“ во 1978, ТВ-серијата „Наши години“ во 1979 година. Голема популарност стекнал со драмата „Диво месо“, за првпат изведена на сцената на Драмскиот театар во Скопје, во режија на Слободан Унковски, кон крајот на декември 1979 година.
По „Диво месо“ следувале „Лет во место“ (театарска фреска, 1981), „Хај-Фај“ (театарска мутација, 1982), „Дупло дно“ (театарска пасија во три става со кода, 1983), „Бушава азбука“ (ТВ-серија во 31 епизода, 1985), „Тетовирани души“ (театарска пиеса, 1985), „Црна дупка“ (театарска пиеса, 1988), „Лонг плеј“ (рокенрол мистерија, 1988), „Кула вавилонска“ (театарска пиеса, 1990), „Гоце“ (едночинка, 1991), „Чернодрински се враќа дома“ (драма, 1991), „Сараево“ (приказни од еден град, драма, 1993), „Старецот со камен околу вратот“ (едночинка, 1994), „Оазата на Мира“ (ТВ-драма, 1994), „Сега му е мајката“ (фарса, 1995), „Баханалии“ (драма, 1996), „Екс-ју“ (едночинка, 1996), „Казабалка“ (драма, 1998), „Приказни од еден град“ (1999), „Хотел Европа“ (сценарио за мултимедијален проект, 2000), „Конзервирани импресии“ (кратки раскази, 2004), „Демонот од Дебар Маало“ (драма, 2006), „Огнени јазици“ (драма, 2013) итн. Автор е и на либретата „Травијата“ (1989), „Зодијак“ (1990), „Чернодрински“ (1991).
Горан Стефановски е изведуван на сите македонски сцени, преку сите некогашни југословенски културни центри, сè до големите театарски центри во светот: Париз, Белград, Будимпешта, Лондон, Пазарџик, Софија, Варна, Загреб, Москва, во повеќе градови во САД, во Брезно во Словачка, во Лоѓ во Полска, Антверпен во Белгија, Стокхолм итн. За своите драми шестпати ја има добиено наградата „Војдан Чернодрински“, а двапати се закитил со „Стериина награда“. Ги има добиено и наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, а во 2021 г. постхумно му е доделен Орден за заслуги на Македонија.
Горан Стефановски беше член на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2003 година и член на МАНУ надвор од работниот состав.
Стефановски беше и високо ценет есеист, јавен интелектуалец и предавач. Објавил трудови со кои настапувал на голем број конференции и одржал работилници низ цела Европа. Неговото последно јавно предавање беше на Меѓународната федерација за театарски истражувања на Светскиот конгрес во Белград, во јули 2018 година, како пленарен предавач. Неговото последно појавување во јавноста беше да го прими почесниот докторат од Националната академија за театарска и филмска уметност „Борис Сарафов“ во Софија, Бугарија.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам