Митко Маџунков е македонски романописец, раскажувач, драмски автор и есеист. Митко Маџунков е роден во Струмица на 19 март 1943 година. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светка книжевност со теорија на книжевноста. По дипломирањето, тој останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар-советник во Библиотеката на град Белград, каде што се пензионирал. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2006 година, Маџунков се преселил во Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.
Својот пробив на литературната сцена Маџунков го постигнал во Белград и долго време бил потценет во Македонија. Сепак, подоцна, таа неправда била исправена и, како признание на високиот квалитет на неговата проза, Маџунков бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Основна одлика на творештвото на Маџунков е епскиот карактер на неговите романи. Неговите романи се големи по обем при што тие се испреплетуваат помеѓу себе. Оттука, некои главни и епозодни ликови се провлекуваат во повеќе негови романи. Притоа, во изборот на ликовите и ситуациите, Маџунков често внесува автобиографски елементи. Тој пишува во манирот на јужноамериканскиот волшебен реализам, т.е. во неговите дела провејуваат чудни настани, необјасниви случки, необични ликови итн. Сепак, многу често во неговите дела се вметнати ликовите, местата и легендите од струмичкиот крај.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам